Бидиков: 5G мрежите ќе користат постоечки фреквенции, далеку поопасен од телефонот е фенот

by Фокус

Во Министерството за информатичко општество постои акциски план за воведување на петтата генерација на комуникациска технологија, меѓутоа тој ќе се ревидира поради пандемијата предизвикана од корона вирусот, пишува најновиот број на неделникот Фокус. Во врска со таканаречената 5G технологија, што таа претставува и кои се нејзините предности, разговаравме со Владислав Бидиков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство. Тој објаснува не може да се води дискусија дека баш сега со 5G мрежи мистериозно ќе се појават штетни зрачења, бидејќи најголем број мрежите ќе бидат применети во тековниот спектар на фреквенции.

Разговараше
Влатко Стојановски

ФОКУС Каков вид на технологија претставува 5G и кои се најзините главни придобивки генерално и во споредба со претходните генерации на телекомуникациски мрежи?
БИДИКОВ 5G технологијата е комуникациска технологија која треба да ги надгради постојните мрежи од 4-тата генерација, со цел подобрување на нивните карактеристики. Главната предност, а со тоа и разлика, е во насока на т.н мрежна независност и концепт на ингрегрирана мрежа која овозможува стандардните мрежни елементи да бидат идентични (со исклучот на радио делот) во сите фреквенциски опсези во кои може да се користи. Тука е важно да се напомене дека фреквенциските опсези во мобилната телефонија се одамна дефинирани во неколку сегменти и притоа во истите фреквенциски опсези со помош на технологија на мултиплексирање коегзистираат и сите постојни технологии (2G/3G/4G) и секако тука е главниот простор каде што ќе функционираат мрежите 5G.

Она што е дополнителна предност на 5G мрежите е можноста да се употребуваат и дополнителни фреквенции кои досега се користеле за други намени (пример аналогна телезивија) и кои сега во процесот на дигитализација се ослободени. Единствена новина која се појавува во 5G технологијата (и која се уште не е јасно дефиниран стандард) е можноста за т.н категоризацијана крајниот пристапен уред во повеќе насоки и тоа: стандардни уреди (средна пропусна моќ и стандардна латенција), уреди за апликации во реално време (голема пропусна мок и скоро минимална латенција – пример употреба во телемедицина, автономни возила и сл.) и уреди со фиксна намена (голема брзина ама и поголема латенција – генерално како замена за бакар/оптика на фиксна локација).

Секако, на крај мора да се има во предвид фактот што како и досега (со претходните генерации на мрежи) стандардите не се целосно унифицирани и во оваа фаза на забрзан развој постојат неколку различни верзии и потстандарди и се очекува комерцијалните услови да предизвикаат етаблирање на еден или повеќе од нив како општо прифатени (ваков сличен процес имавме и кај 3G и 4G). Тука е добро да се напомене дека всушност хардверската поддршка на тековната 4G опрема и нејзината можност за лесно применување во 5G (пример како кај Huawei каде што е само софтверски надградби, хардверот се задржува скоро ист) е главната мотивација за активно имплементирање на 5G мрежи во комерцијални цели.

ФОКУС Дали постои основ (аргументи, истражувања,студии) во поткрепа на стравувањата дека оваа технологија предизвикува зрачење кое е штетно за животната средина и човековото здравје, особено повисоките фрекфенции типични за урбаните средини?
БИДИКОВ Постојат многу контрадикторни аргументи, многу истражувања и низа на чудни насоки во кои се движат сите рамизслувања околу штетноста. Основната премиса треба да се гледа во фактот дека најголем број од 5G мрежите ќе бидат применети во тековниот спектар на фреквенции (оние стандардни носители за 2G/3G/4G) на три опсези во Европа (иако за опсезите може да има разлики и на ниво на држава или околни држави) и тоа 900, 1.800 и 2.100 и 3.500. Овие фреквенции и сега се користат за иста намена и со истата распределба (и генерално се менува модулација или ширина на канали), па не може да се води дискусија дека баш сега со 5G мрежи мистериозно ќе се појават штетни зрачења.

Само како интересен контрапример, ниеден од овие 3 основни фреквенциски опсези не влијаат на елементи од природата ако споредиме со фреквенцијата од 2.4 гигахерци, односно стандардното вифи кој секој го има дома.

Од друга страна, можеби целата оваа дискусија за штетноста треба да ја земеме на ниво на физика, односно законите во физиката кои јасно кажуваат дека ефикасноста на радиобрановите зависи обратно пропорционално од квадратот на растојанието на телото од изворот на електромагнетно зрачење. Па, во еден апсолутистички пример да земеме дека во моментот кога главата ни е допрена до предавателот сме изложенина зрачење X после 1 метар сме на 1/x^2 итн. итн., па ќе заклучиме дека освен ако не сме постојано директно изложени на изворот (кој треба да е многу силен) и немаме некој ризик. Напротив, во телекоминукации најголем ризик е кон лугето коишто во своите работни задачи на дневна основа се во непосреден контакт со радио опрема.

Од трета страна, истите закони за физиката всушност дефинираат дека пробивноста на радио брановите е поголема кај пониски фреквенции (се секава некој на АМ радио), и оние дополнителни фреквенции кои се над стандардниот опсег од 3.5 гигахерци се со висока пропусност, но бараат чиста околина, односно чист простор помеѓу предавателот (базната станица) и примемникот (вашиот мобилен телефон). Токму затоа и ден денеска (и од секогаш) имаме проблем со приемникот (мобилната мрежа) кога ќе влеземе во окно од лифт (кое по дефиниција има повеќе бетон и железо). Евентуално, ако финансиски стане исплатливо да се користат пониските фреквенции (моментално најниската е 900 мегахерци и истата со првата генрација на 2G) дури и тогаш нема проблем од тоа што се прикажува како опасни фреквенции. Дополнително, зборуваме за вати на страна на базните станици и миливати па и микровати на страна на мобилниот телефон.

Токму затоа, од аспект на телекомуникациии ќе дадам пластичен теориски пример -покривање на Скопје со 2G треба 50 базни, покривање на Скопје со 3G треба 85 базни станици, покривање на Скопје со 4G треба 110 базни станици (веке повеќе од двојно од 2G), a покривање на Скопје со 5G веројатно треба над 130 базни станици според некои груби калкулации. Тука не е проблемот фреквенцискиот опсег – тој всушност може да е истиот, туку капацитетот на базните станици кои е ограничен и со секоја наредна генерација поради зголемените брзини се бара повеке базни станици, односно на една станица во полно оптеретување (како на пример додека ве оперираат преку телемедицина) можете да опслужите помалку корисници.

ФОКУС Кога може/треба да се очекува комерцијална примена на оваа технологија во земјава и од кои фактори зависи тоа?
БИДИКОВ
Ова прашање има две компоненти, едната е технолошката и веќе ја споменавме во претходно прашање, односно потребен е доволен број на базни станици за да може да се воспостави сервисот. Другата компонента е финансиската – дали и колку треба да имате корисници, односно месечни претплати за да ја оправдате и ултимативно повратите инвестицијата во 5G мрежа. Ова е директно поврзано со бројот накорисници и можни корисници.

Можеби треба да го видиме примерот со 4G. Неговото воспоставување одеше бавно (дури одредени технологии како VOLtE се уште не се ни завршени како имплементација во 4G) од повеќе аспекти. Прво, треба операторот да инвестира во мрежата многу пари. Потоа, и да имате мрежа, крајниот корисник треба да поседува уред што поддржува 5G (такви уреди се уште има малку и се уште се доста скапи во ранг на преку 500 долари), што значи дека секој што сака да користи 5G ќе мора да набави наскоро нов уред и тоа ќе значи финансиски товар што го ограничува бројот на потенцијални корисници.

Вториот проблем е големина на пазар. Дури и со огромна интернет пенетрација во МК (дури и ако земеме во предвид дека скоро сите ќе имаат по 2 уреди, а тоа и не е случај) нема да дојдете до значителен голем број на корисничка база. Еве ќе речеме дека потенцијалот на пазарот е 2 милони претплатници. Ако сега земеме дека најмалку 3 оператори ќе сакаат да имплементираат 5G, тоа значи во идеална распределба тоа се нешто над 700.000 претплатници. Ова е финансиски предизвик за 5G, бидејки некои компоненти од 5G мрежите во својата најмала форма (хардвер или софтвер) се дизајнирани за 3-5 милиони претплатници.

Еве да земеме утопистички случај и дека се тоа е веќе направено и мрежата е тука и уредите се кај корисниците, на крај како ќе изгледа месечната тарифа и неjзината цена (ако денеска просечната претплата на мобилен е 10 евра) и после колку години (и дали воошто) ќе се врати инвестицијата? Ова е аналогијата зошто сите не возиме Тесла на батерии…

ФОКУС Кои држави веќе ја воведоа оваа технологија и дали има некоја држава која одбива тоа да го стори од безбедносни причини, односно поради тоа што се уште не се испитани потенцијалните штетни ефекти?
БИДКОВ Ова прашање има две независни насоки. Едното е дали има земји кои ја воведоа технологијата и тука имаме повеќе тестови и побавно движење и кај поголемите земји. Тука и целосната и комплетна стандардизација и кој производител или прозиводители ќе се етаблираат како најголеми и највлијатени во однос на колачот за технологија во пазарот. Другото е безбедносниот предизвик кој е сосема друга нишка и коj поради технолошката агностигност на 5G мрежите и базирањето на повеќе во софтверски импмлементации на одредени компоненти предизвикува оправдан страв за безбедноста на мрежата.

Така, ако гледаме историски, кај класичниот телефон функционирањето на телефонската линија не зависи од тоа дали имате електрична енергија дома (тој се напојува од централата преку бакарната парица). Денеска за фиксниот телефон (кој дали е интегриран систем по бакар или оптика или преку кабелска мрежа) функционирањето зависи од електрична енергија на корисничкиот уред. Слично е и со мобилниот телефон, истиот има функцкција само кога има батерија и доколку 4G мрежата на операторот е во функција (бидејки и гласовните и податочните услови патуваат по истата радио мрежа), па мораме да сме сигурни за нејзината доверливост, достпаност и безбедност. Сега направете транслација во 5G кога поголемиот дел на компоненти се софтверски – стравот е оправдан бидејки е многу потешко да ги верификувате и обезбедите системите.

ФОКУС Колку оваа и досегашните слични технологии придонесуваат за нивото и интензитетот на електромагнетното зрачење во споредба со другите уреди што се користат во секојдневниот живот?
БИДИКОВ Фактот е дека модерниот живот придонесува за поголема изложеност. Во таа насока, можеби некои попрактични мерки може повеќе да придонесат за човековото здравје, како на пример оставање на уредите подалеку од нас пример додека спиеме, бидејќи тоа знае да биде значителен дел од денот односно околу 1/3 од времето.

Во оваа насока, секогаш давам еден интересен пример на уред кој се уште е многу штетен, а ние без да сме свесни секојдневно го користиме. Скоро сите ние користиме фен за сушење на косата кој се уште е базиран на асинхрон мотор кој генерира многу електромагнетно зрачење (видливо како шум на ТВ) и во процесот на негова употреба намерно го доближуваме до главата (нели за да побрзо ја исушиме косата). Една мисла природно ми доаѓа во оваа ситуација. Што е поопасно? Мојот Samsung Note10 со вкупно зрачење од неколку стотици миливати (тестиран од најмалку 5 референтни лаборатории на 5 континенти) или фенот од непознат поизводител и барем 150 вати (дека подобро сушел ако е посилен), кој прави пречки на телевизорите на комшиите барем два ката над мене и под мене додека ја сушам косата. Среќа немам многу косаи не употребувам фен.

ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК

Поврзани новости