Четврти ден по ред не може да се локализира и да се изгасне пожарот кај Неготино. Гори планината Серта, а од утрово се гаси со два хеликоптери и со трите ер трактори.
Исто така, од земја се гаси со поголем број на екипи од противпожарни единици од Неготино, Кавадарци и други општини, како и екипи од неготински и кавадаречки Комуналец, волонтери и членови на неготинското ловечко друштво. Сепак, дел од воздухопловите кои се вклучени во гасењето, наскоро треба да заминат на гасење на пожарот кај Ново Село.
-Денес имаме шанси да го ставиме пожарот под делумна контрола. На терен се трите ер трактори и два хеликоптери.
Но, мораме дел од воздухопловите да упатиме и на планината Огражден, кај Ново Село, каде исто така е активен голем пожар.
Не би требало да има опасност за селата, бидејќи има многу сили за гасење на тој дел, плус трите авиони се таму, за ,,Фокус” појаснува Стојанче Ангелов, директорот на Центарот за управување со кризи.
И додека населението е во паника поради активниот пожар кој со деновии беснее, од неготинскиот кризен штаб доцна синоќа излегоа со инструкции за граѓаните по повод состојбата. Им порачаа да бидат поажурни, но и да си ја расчистат тревата околу дворовите и имотите, како во селата, така и во градското подрачје.
-Кризниот штаб апелира до сите домаќинства во селата во Општина Неготино и во градот, задолжително да прават расчистување на тревните површини околу своите дворови, имотите и останатите подрачја. Исто така апелираме до месното население за поголема ажурност, следење на упатствата и насоките од страна на МВР, да нема поголеми движења кон критичните места- наведено е во јавното соопштение кое го објави градоначалникот, д-р Горан Стојанов.
Мештани кои се на местото на настанот за ,,Фокус” велат дека се е претворено во пепел.
-Вакава катастрофа ретко се гледа, каде поминаа пламените јазици, остана само пепел. Ова е полошо и од пожарот кај велешкото езеро Младост од пред неколку години, каде дел од вегетацијата сепак опстана! Да се стави под контрола огнот, па допрва ќе се утврдува оваа штета од невидени размери, порачаа.
Вики Клинчарова