Бидејки му помогнал на Села во парламентот го деградирале на работното место и го осудувале сопартијците

by Фокус

Сведокот Антонио К., кој денеска во Кривичниот суд сведочеше за претепувањето на Зијадин Села во Собранието, рече дека по овој настан и самиот претрпел последици, бидејќи бил деградиран на работното место во ЈП Државни патишта.

-По настанот со моја фотографија шетаа на работното место и им кажуваа на претпоставените дека сум му помогнал на Села. Набрзо, од Дирекција бев прераспореден на патарина и секој месец ме упатуваа на различна патарина – рече сведокот.

Тој додаде дека за тоа што помогнал го осудувале и колеги, пријатели, но и сопартијци.

– Како можеше да му помогнеш на сељакот, ми велеа – истакна Антонио К.

Од неговото сведочење можеше да се заклучи дека во Собранието дошол по наредба. Како што појасни, кога загустило сакал да си оди, бидејки веќе виделе дека е присутен, меѓутоа не можел да излезе.

Сведокот појасни дека учестувал 4-5 пат на протестите пред упадот во Собранието. Критичниот ден се вратил од работа и од пазарање, по што му се јавиле и му кажале дека се влегло во Парламентот па било пожелно да дојде. Сепак, тој не потенцираше кој му се јавил.

В.В.

Поврзани новости