Платата на некои оперски пејачи е околу 55 илјади денари, актери и балерини земаат околу 52 илјади денари, хористи по 39 илјади денари, кустоси по 38 илјади денари, суфлер 27 илјади денари, ова се само дел од сумите до кои дојде Фокус, а кои се однесуваат на секторот култура.
Според информациите објавени во јавноста културните работници во последните четири години три пати добивале зголемување на платите, а за време на Ковид пандемијата во дел од овие сектори голем број од институциите не работеа поради протоколите, а редовно им легнувала државната плата. Дел од културните работници се незадоволни од платите и бараат нови покачувања, за споредба здравствените работници, пред се медицинските сестри и техничари кои без ниту ден слободен спасуваа животи имаат слични плати.
Истражувавме и се јавивме во неколку институции да прашаме колку работеа изминатите 2 години, колку вработени бројат, колкав процент од буџетот им е наменет за плати и дали треба да им се зголемат согласно последната минимална плата.
– Во Националната опера и балет има околу 440 вработени, а во текот на минатата година одржавме 43 претстави со физичко присуство, согласно протоколите. Имавме намален број на хористите, и во принцип платите се солидни но сепак сите тежнееме кон подобра благостојба, но ние како институција ја почитуваме секоја одлука на Владата, вели за „Фокус“ Васо Ристов, директор на НОБ.
Ристов потврди дека платите се движат од околу 55.000 денари за оперски солисти, 59.000 денари за балетски солисти пред пензија, за први дувачи во оркеатарот околу 47.000 денари.
Од Народната универзитетска библиотека „Свети Климент Охрдиски“ велат дека тие работеле во текот на пандемијата согласно протоколите.
-Платите во нашата институција без минат труд се 29.451 денар за библиотекар, за посебно свање виш библиотекар кое се добива по 10 години работен стаж основната плата е 34.975 додека пак за библиотекар советник основната плата е 37.961, велат од НУБ за „Фокус“.
Првиот човек на битолскиот театар вели дека оваа институцијата работела за време на ковид пандемијата со прекини кога тоа го наложувале ковид протоколите.
– Ние имавме 8 премиери од почетокот на пандемијата, а во моментот уште три претстави се во подготовка од кои две ќе имаат премиера до крајот на април. Редно е да се каже дека платите во културата значително пораснаа во последните години, а во нашиот театар платите се движат од 20.000 денари за техничкиот персонал, до околу 55.000 денари, што не е тајна информација, туку е јавно достапна за сите, вели Иван Јерчиќ за „Фокус“.
Директорката на „Филхармонија“ вели дека освен еден онлајннастан тие работеле за време на целата пандемија согласно протоколите кои бараа намален број на публика.
-Платите во нашата институција се движат од законскиот минимум за техничкиот персонал, до околу 55-60.000 денари. Според мене во некои од дејностите потребна е корекција и покачување, а некои позиции се во ред, вели Тина Иванова.
Соња Танеска