„Би било добро ако досието на Северна Македонија и тоа на Албанија бидат деблокирани!“

by Fokus

 Висок дипломатски извор за МИА денеска објасни дека француското претседателство сака да го надмине спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија, и дека треба да ја почитува временската рамка дадена од страна на Софија, јавува дописничката на МИА од Брисел.

На прашање дали Франција сака и планира да ги одржи првите меѓувладини конференции за пристапните преговори со Македонија и Албанија, дипломатот објасни дека Париз досега се покажа многу активен за деблокирање на ситуацијата меѓу Скопје и Софија.

-Сега со новата бугарска влада се чини дека има пат кој може да биде дефиниран. Самата влада рече дека ќе треба неколку месеци, мораме да се впишеме во оваа рамка, но истовремено владата отвори перспектива и таа може да остави надеж дека се можни резултати пред крајот на овој семестар. Тоа е тоа што ќе се обидеме да го поттикнеме во улога на претседателство, и тоа би било добра вест ако досието на Северна Македонија, и со тоа на Албанија, бидат деблокирани, и да можеме да ја примениме новата методологија, изјави овој висок дипломат од француското претседателство за МИА.

Дипломатот се осврна и на пошироката состојба на Западниот Балкан. Имено француското претседателство планира во јуни да организира Конференција за Западен Балкан, како еден од приоритетните региони за Париз и за ЕУ.

Досега нема детали за форматот и содржината на оваа Конференција, но нашиот соговорник објасни дека во секој случај таа нема да биде Самит ЕУ-Западен Балкан, како што организираа словенечкото, хрватското и бугарското претседателство претходно. Ваков самит најверојатно ќе се одржи во втората половина на 2022.

-Нема да биде конференција за проширувањето, ниту редовниот ЕУ-Западен Балкан самит, ќе биде политичка конференција, за сега е рано да се каже, но она што го гледаме во регионот е истовремено политички тензии како што е во Босна и Херцеговина сега и процеси кои не напредуваат како што е случај со дијалогот Белград-Приштина, вели дипломатот за МИА.

Тој нагласи исто така дека целта на француското претседателство со оваа конференција е да се размисли за начините да се поддржат процесите во регионот и да се пресретнат фрустрациите и ризиците.

-Ако ЕУ тоа не го стори таа не само што презема ризик за својата безбедност и стабилност, туку остава слободен терен за други актери кои не се грижат за европската безбедност, има европска обврска да се биде инволвиран, изјави овој висок дипломатски извор за МИА.

Поврзани новости