Градоначалникот Кочовски со поддршка за македонските музичари: ,,Раке пуке, раке шлаке” на Вевчански карневал!

by fokus

Прилепчанките Елена Јовческа и Сања Ристеска се дамите кои ќе имаат свои концерти за време на тридневната карневалска манифестација – Вевчански карневал, а покрај нив ќе настапат и Жаре Бербер, диџеј Фејс, Дамјан Стојаноски и Перо Бели.

Ристеска е позната по невообичаените наслови на нејзините песни, како ,,Ме заболе”, ,,Раке пуке, раке шлаке” и други, но и по неверојатната трансформација од пред неколку години, кога по неколку естетски интервенции и во соработка со стилист, сосема го промени изгледот.

Јовческа пак, е препознатлива по тоа што свири на изворните музички инструменти, гајда и зурла.

Двете прилепчанки зад себе го имаат дуетот ,,Сестра” и еден микс насловен ,,Македонија вечна”.

Според градоначалникот Спасе Кочовски, изборот на музички гости е само со домашни пејачи, во знак на нивна поддршка во време на пандемија.

Лани, поради пандемијата беа откажани музичките концерти, а пак во 2020 година на манифестацијата настапија Влатко Лозаноски, Ај кју, Брас брадрс, диџеј Тодороф, Дамјан Стојаноски, Татијана Стефановска и дувачкиот оркестар Веселата дружина.

Покрај музичката програма и традиционалното дефиле на маскираните василичарски друштва, најавени се низа на културни настани и голем огномет.
Манифестацијата започнува на 12-ти јануари, се очекуваат многу посетители, но се апелира и на почитување на мерките за заштита од вирусот. Дефилето на маски е на 13-ти јануари, а пак на 14-ти маските се палат во центарот на Вевчани.

Вики Клинчарова

Поврзани новости