Директно од болницата во Тетово стана директор на Неврологија, Висар Мифтари на местото на разрешениот Барбов

by Fokus

Пред повеќе од еден месец, без никаква информација во јавноста помина разрешувањето на доктор Иван Барбов од скопската Клиника за неврологија, со која управуваше речиси шест години, а беше назначен во 2017 година, кога со министерството за здравство краток период управуваше Арбен Таравари од Алијанса за Албанците.

Сепак, после толку години, откако Таравари како лидер на партијата повторно коалицираат со владејачката СДСМ, министерството за здравство го презема неврологот Фатмир Меџити, кој со седнувањето на министерската фотеља веднаш разреши неколку директори, а на нивно место постави нивни кадри, меѓу кои беше и Барбов од клиниката од која доаѓа првиот човек во здравството.

На листата на разрешени директори се најдоа и директорката на скопска Ендокринологија, Саша Јовановска Мишевска и на нејзино место е поставен Арѓент Муча од Гостивар, додека пак како што веќе пред неколку месеци објави „Фокус“, со Очната клиника повторно управува Беким Татеши.

Но, да се навратиме на скопска Неврологија. Досегашниот директор, како и другите се разрешени без никаква официјална информација од ресорното министерство, што досега беше редовна пракса. Поточно, кога има било какво разрешување или назначување на нов директор, од МЗ праќаат официјален допис до сите медиуми, што сега не се случи.

Поголемиот дел од јавноста не знае дека со Клиниката за неврологија сега управува Висар Мифтари, кој на директорското столче доаѓа директно од тетовската Клиничка болница, без ден работно искуство на Неврологија, со која раководи во моментот.

Според нашите информации, тој доаѓа од редовите на Алијанса за Албанците, а од тоа што официјално може да се најде за него е дека бил раководител на Одделот за Неврологија во Клиничка болница Тетово.

Како што веќе објави „Фокус“, пред одреден период сите актуелни директори потпишаа менаџерски договори до 2024 година, што значи дека е незаконски да се смени некој од директорите, иако се прави политички пазар за тоа место.

Единствено можат да се закачат за работата, поточно дека не менаџирал како што треба со клиниката или пак да го натераат самиот да си поднесе оставка, во спротивно се друго би било незаконски.

Нормално, како што тврдат нашите извори така и ги разрешуваат. Еден од нив кој се најде на тој список, но кој не преќуте, според него направената неправда е доктор Сашко Јовев, директор на скопската Кардиохирургија. Во неговото образложение за разрешување се наведува дека тој дежурал неколку пати, иако немал дозвола за тоа од ресорниот министер.

Ирена Мулачка

 

 

Поврзани новости