Пехчевски: Докторке Фуштиќ до вас и Асоцијацијата формирана од вас, јас сум тука и барам трикафта за сите

by Fokus

Пациентот Игор Пехчевски, кој боледува од цистична фиброза денеска излегува од скопската Клиника за детски болести, каде е хоспитализиран 14 денови.

Во последниот период постојат редовни препукувања меѓу Пехчевски, кој цело време го бара неопходниот лек за него и за сите болни, додека актуелната директорка на клиниката, Стојка Нацева-Фуштиќ преку фејсбук статуси се расправа со него и му забранува да комуницира со новинари.

Тој доби нож во грб и од самата Асоцијација, кои се оградија од него, на што наиде на жестока осуда од граѓаните на социјалните мрежи.

На објавата во која Асоцијацијата се оградува од изјавите на Пехчевски во кој тој ја критикува директорката на Клиниката за детски болести има речиси 200 коментари, од кои сите се негативни и со осуда за ваквиот чекор на Асоцијацијата.

„Власта ве седна во скут“, „Срам да ви е“, „Како може вака да ги делите пациентите“, „Да не беше Игор, немаше ни да знам за проблемите со цистична фиброза“, гласат дел од коментарите.

Пехчевски денеска во изјава за „Фокус“ им се заблагодари на сите за поддршката и порача дека ќе продолжи да го бара лекот за него и за сите негови соборци.

„Јас денеска излегувам од болницата. Ви благодарам на поддршката, издржав и продолжувам понатаму и покрај сите притисоци и обиди за мое деградирање и негирање правејќи ме себепромотор и несострадален со моите соборци, кој го бара лекот само за себе, злоупотребувајќи го болничкиот кревет, од каде порачувам и се надевам наредното мое доаѓање и на сите пациенти, кои се засегнати со оваа подмолна болест ќе биде за да го примиме лекот трикафта.

 

Нашите животи никој не може да ги гарантира, дури ни самите доктори, бидејќи ситуацијата може да ни се влоши во секој момент. Докторке и покрај сите ваши себеоправдувања од вас и од Асоцијацијата која е организирана исто од вас, доктор Стојка Фуштиќ. Јас сум тука и не сум сам. Самите го знаете тоа. Трикафта за сите и веднаш“, бара Пехчевски.

Ирена Мулачка

 

 

 

Поврзани новости