Да беше жив, денеска легендарниот Тоше Проески ќе наполнеше 41 година. На овој ден, семејството како и во годините наназад, носи торта на неговиот гроб во Крушево, а целиот регион со песни, фотографии и приказни од неговиот живот, се присетува на момчето со неверојатен глас, хуманост и љубов за сите.
По 14 години од неговата трагична смрт, приказните за Тоше сепак како да немаат крај. Анегдотите за настани од неговиот живот се уште го привлекуваат вниманието на народот, кој на некој начин, преку овие приказни го одржува споменот за Проески жив. Сеќавања за неговата љубов кон музиката, кон луѓето, децата, но и кон животните, се она кое остана зад него.
За неговата љубов кон животните, посебно кон кучињата, има многу нераскажани приказни.
Те гледаат со искрен поглед, те слушаат додека им зборуваш, мислиш секој збор ти го разбираат, а дури и да не разбираат, ти ја чувствуваат секоја тага и радост – знаеше да каже музичарот за кучињата, кои беа негови големи миленици и со кои растеше во родното Крушево.
Во текот на неговиот живот, тој не криеше дека секогаш имал куче. Во повеќе наврати се сеќаваше на првиот миленик, сибирскиот самојед Барон. Потоа чувал пет шарпланинци, а неговиот последен миленик беше златниот ретривер Бас, кој почина во септември минатата година, на 14 години.
За Бас, музичарот раскажуваше во повеќе интервјуа. Го купил шест месеци пред да се случи кобната сообраќајна несреќа, од одгледувачница во Белград, и го донел во станот во Злокуќани, каде тогаш живееше.
По смртта на Тоше, Бас беше однесен во неговата семејна куќа во Крушево, а негови блиски открија дека на почетокот само тагувал, во првата недела дури одбивал храна и вода.
Кога беа милениците во прашање, Проески не криеше дека смртта на секое негово куче ја доживеал многу тешко. Еден од шарпланинците, дури и ќе добиел песна, своевремено раскажуваше композиторот Кире Костов, кој е автор на музиката на хитот ,,Тајно моја”.
Тоше побарал од Игор Џамбазов да напише текст за неговото милениче, но и покрај тоа што текстот испаднал одличен, Костов му рекол на Игор дека мелодијата на песната не одговара на стиховите. Така, наместо песна за шарпланинецот, се родила безвременската ,,Тајно моја”.
Позната е и приказната за кучето Гуливер, или како што скратено го викале, Гули, кое беше миленик на поранешниот амбасадор Лоренс Батлер. Кога тој живеел во Македонија, често се сретнувал со Тоше, и Гули многу се спријателил со пејачот. Откако Батлер се преселил во Сараево, Тоше му дошол на посета, а Гули веднаш го препознал и не сакал да се одвои од него.
Во спомен куќата на Проески, токму поради таа негова голема љубов кон кучињата, стои и пехарот кој на меѓународна изложба на кучиња го освои неговиот Бас.
-Бас го освои пехарот една година по смртта на Тоше, се знае, местото на овој пехар е во спомен куќата, ни изјави тогаш неговиот зет Славен Ристески.
Вики Клинчарова