Тероризмот е премногу сериозна појава и таа не смее да служи за политички поткусурувања и правен егзибиционизам, туку треба да се седне и да се размисли каква сè мерки се потребни заради заштита од тероризмот
Пишува: Звонко ДАВИДОВИЌ
Короната хара исто како и човечката глупост и омраза. Изминативе години сме сведоци на кулминација на човечката глупост и омраза, на неговата деструктивна моќ. Ако се и ангелот и ѓаволот во човекот , како што кажал некој, тогаш изминативе години, ѓаволот е на светската сцена и изведува стендап-комедија, која им е смешна само на будалите.
За уништувањето на планетата, која е дом на човештвото и нема друг, веќе пишував. Пишував и за уништувањето на животинскиот свет и пустошењето на природата, но човекот не се задржал само на тоа, туку отишол и чекор понатаму, па го уништува, истребува, сакати и тероризира и човештвото и човечкиот род. Точно е дека од кога постои човештвото, неговата историја ја сочинуваат војни и милиони изгубени животи во име на некого и нешто, но тоа е нешто за што сметавме дека со доаѓањето на 21 век ќе исчезне и ќе биде присутно само на страниците на историските книги.
За жал, теророт од секаков вид стана алатка и средство за исползување на определени права или погодности. Тоа само покажува дека човештвото, ниту созреало, ниту пораснало, туку останало во период на адолесценција.
НЕСФАТЛИВИ ЅВЕРСТВА
Сведоци сме на незапамтени и несфатливи ѕверства што секојдневно се случуваат, а кои немаат, а ниту можат да имаат какво било оправдување или логика. Ако мислевме дека со затворањето на нацистичките логори на смртта и Сталиновите гулази или белгиското дивеење и сечење на екстремитетите во Конго, како и со етничкото чистење, кои населението го свеле на 50 отсто, сме завршиле со темната страна на човечката историја, припадниците на определени групи луѓе, кои тешко можат да го носат името човек, а кои припаѓаат на определени верски, национални или политички групи, секојдневно нè разубедуваат во таквото мислење.
Последните терористички напади што се случија во Австрија и во Франција само ни ги враќаат во сеќавање кулите близначки, „Шарли Ебдо“ , Барселона… и во сите нив теророт е основен елемент и средство за остварување некакви права.
Теророт потекнува од латинскиот збот terror, terroris, и значи страв, ужас и е најчесто планирано ширење страв и ужас со спроведување или закана со насилство за да ги направи луѓето послушни или покорни. Користењето на теророт заради остварување политички или економски цели, се нарекува тероризам. Латинскиот израз territio – застрашување, заплашување се однесува на покажување на средството за мачење пред мачењето што честопати е доволно за да се изнуди бараното.
Теророт е измислен во либерализмот како државна легитимна функција, за што пишува и Томас Хобс, додека во текот на Француската револуција и по неа, Робеспјер и неговите приврзаници го издигнале теророт на ниво на државно средство на моќ и идеолошки го оправдувале.
Денес зборот терор се користи за опишување на агресивните облици на вознемирување.
НЕЗАКОНИТО НАСИЛСТО
Тероризмот, пак, означува осмислена и испланирана употреба на незаконито насилство или закана со незаконито насилство, а поради сеење страв, со намера да се присили власта или општеството за да се постигнат цели што се политички, верски или идеолошки. Тероризмот е политичка стратегија на тајното дејствување на поединци или нелегални организации, кои со употреба на сила, или насилие врз поединци, или имот, имаат за цел да извршат притисок на владата, населението, или некој негов дел за постигнување политички или општествени цели.
Терористичките акции на одделни терористички организации служат за свртување на вниманието на јавноста на проблемите на тие групи или фракции. Најпогоден начин, а најчесто и користен е убиство на претставници на државата или недолжни граѓани и напади на општествените добра. Целите на терористичката организација можат да бидат политички и неполитички, а политичките се најчесто освојувањето или одржувањето на власт или влијанието на власта.
Тероризмот во овие случаи служи како средство за постигнување на целта и притисок кон државата додека употреба на тероризмот заради одржување на власта е поретка, но присутна појава, и тоа особено во некои делови на Јужна Америка или Африка и, во тој случај, се работи за државен тероризам.
Често можеме да забележиме и спроведување терористички активности, кои имаат за цел да влијаат врз власта и структурите на власта на својата или друга држава, и тоа посредно или непосредно. Со терористичките напади, не секогаш е целта освојување или промена на власта, туку притисок за да се присили власта на постапки или одлуки што не се во согласност со законот.
Најдобар пример за тоа е нападот на железничката станица во Мадрид, во 2004 година, кога шпанската влада по тој напад ги повлече своите војници од Ирак, што и беше целта на терористичкиот напад. Во неполитички цели може да се зборува за верски цели (убивање на шиити и сунити во Ирак) или национални (убиствата на тутсите во Руанда или хуту во Бурунди, војната во бивша СФРЈ…).
ТРИ ВИДА ТЕРОРИЗАМ
Теоретичарите го делат тероризмот на три главни вида, индивидуален тероризам во кој спаѓаат бунтовници, анархисти и нихилисти, организиран тероризам во кој спаѓаат групи со различна идеологија (екстремна левица или екстремна десница) и државен тероризам.
Терористичките организации се составени како пирамида, на чиј врв се наоѓа водач или водачи, кои носат одлуки, програми и дефинираат цели и кои го насочуваат дејствувањето и активностите на членовите. Под нив се извршителите што ги спроведуваат одлуките на водачот, но и терористичките напади, а ги оспособуваат и ги вежбаат и новите членови. Под нив се активни помагачи кои материјално и физички ѝ помагаат на терористичката организација и на терористите на задача, но понекогаш и учествуваат во нападите, но во споредни улоги како стражари, набљудувачи итн. Најбројна група се пасивни помагачи кои не се членови на терористичката организација, но знаат за терористичките планови, членови или напади, но ништо не преземаат да ги спречат и ги игнорираат.
Терористичките организации најчесто дејствуваат по принцип на терористички ќелии. Делејќи ја големата терористичка организација на многу мали мултиперсонални групи и делејќи ги информациите внатре во секоја ќелија, гломазната терористичка организација има поголеми шанси да преживее, особено при компромитација и откривање некои нејзини припадници. Ќелиите можат да бидат планирачки, поддржувачки (логистички), егзекуциски ќелии.
Фазата на современиот тероризам почнува во текот на студената војна, антиколонијалните револуции и будењето и развивањето на националната свест. Современиот тероризам го определуваат неколку фактори, и тоа, пред сè, изобилие на информации и брз пристап до истите по пат на интернет, но и можноста за брзо и лесно меѓусебно комуницирање на припадниците на терористичката организација, како и регрутирање нови членови и истомисленици и можност за вршење пропаганда и дејствување преку социјалните мрежи.
МОЌТА НА МЕДИУМИТЕ
Масовноста на медиумите е уште еден фактор, кој им става во раце на терористичките организации моќно средство и алатка за нивно дејствување, особено психолошки. Брзиот технолошки напредок им овозможува на терористичките организации употреба на најсовремени техники средства за извршување на своите цели, и тоа со употреба на дронови, авиони, автомобили и други технички средства. И на крај, но не и како помалку важно, е и зголеменото производство на оружје од секаков тип и големина и релативно лесен пристап до истотото.
Без оглед на целта што треба да се постигне не постои оправдување и логично објаснување за терористичките акции и напади особено врз недолжните граѓани, кои не се свесни дека ги демне индивидуа што не ја ни познаваат, а која со акт на насилие со ништо не предизвикан од нивна страна ќе ги унесреќи и ќе им го смени или одземе животот.
Со ништо не може да се оправда безумието и смртта на 12 луѓе во нападот на Шарли Ебдо, во концертната сала Bataclan во Париз, илјадници жртви во нападот на 11 септември во САД, терористичките напади во Барселона, Мадрид, Ница, Лондон, Виена… Бесчувствителноста и монструозноста на определени терористички напади, како што е обезглавувањето на професорот во Франција, жената во црквата во Ница, обезглавувањето во Лион, покажуваат на што се се подготвени терористите, но и нивниот ментален склоп и психолошкиот склоп на личноста.
Во Македонија, тероризмот како кривично дело е предвиден во Кривичниот законик, а предвидени се и некои облици на тероризмот (саботажа, диверзија, терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, убиство, грабнување и насилство кон највисоките претставници на власта ….).
СУДСКИ ПРЕДМЕТИ ЗА ТЕРОРИЗАМ
Познати се и доста медиумски користени судските предмети за „Диво насеље“ и таканаречениот „Крвав четврток“ или „27 април“. Ако во „Диво насеље“ стануваше збор за тероризам, во предметот за „27 април“ многу тешко ќе можеме да препознаеме елементи на тероризам, особено имајќи предвид неколку факти.
Дел од таканаречените терористи е амнестиран токму од нападнатите и оштетените и истите амнестирани терористи седат во пратеничките фотелји. Најголемиот дел од учесниците на истиот настан се обвинети и осудени за учество во толпа или насилство. Сите што се осудени во предметот за „27 април“ се припадници на претходната власт или патриотски здруженија, кои се со поинаква политичка обоеност од сегашната власт.
За слични можеби и полоши дејствија преземени од страна на припадници на национално малцинство во Македонија, во кој да потсетам имаше и жртви, не стана ниту збор за подигање обвинение или судење за тероризам, иако истите имаа и оружје во раце и предизвикаа уставни промени.
Тероризмот е премногу сериозна појава и таа не смее да служи за политички поткусурувања и правен егзибиционизам, туку треба да се седне и размисли какви сè мерки се потребни заради заштита од тероризмот, особено ако се имаат предвид неколку факти, а тоа е геостратешката положба на Македонија, членството во НАТО, учество на наши државјани во настаните во Сирија, на пример, како припадници на странски сили, нивно членство во терористички организации и учество во терористички напади во светот.
Мораме да бидеме свесни и спремни дека ова глобално зло демне секаде и секого и дека само спремни и организирани држави можат да ги предупредат и спречат последиците од терористичкото делување. Изучувањето на феноменот тероризам, примена на искуствата од борбата со тероризмот, национална стратегија, зајакнување на безбедносните служби, кадровски, но и со техничко технолошки средства и тесна меѓународна соработка на ова поле со другите држави, особено оние од соседството, се само мал дел од она што треба да го направиме за да можеме да се фатиме во костец со ова зло.