Без сцена, а на сцена

by lali

Ме прашува еден пријател зошто не играм и не одам во театар. Дали тоа го правам од омраза или зашто сум оддалечена од нашите културни текови? Се замислив околу првата констатација, зашто да бидам искрена, омразата одамна ми е стивната и заменета со друго чувство, што повеќе личи на присилно прифаќање, но без помирување со реалноста.

Но, и по природа не сакам да бидам непринципиелна. Не дека мои колеги прават претстави што не ми се по вкус, а, пред сѐ, заради тоа што одбивам да бидам дел од „културниот излог“ на оваа власт.

Се прашувам, каква судбина имаат талентот и креативноста во едно недемократско, некреативно и воопшто во секој поглед заглупувачко општество, каде уметноста се „нарачува“ како порција – десетка со кромид? Како може да се биде дел од уметност што е „прочистена“ од стварноста во која живееме, што е далеку од вистината и од она што најмногу нѐ боли?

АКТЕРОТ КАКО ТЕАТАРСКА РЕКВИЗИТА

Кога бев на сцена дури бев и поаналитична и покритична отколку што сум сега. Постојано барав одговори од режисерите за сите нејасни и суптилни актерски ситуации. Не за да им ја симнам круната на „капетаните на бродот“, а за да најдам причина и поткрепа зошто треба да „гинам“ на сцена.

Сум била и дел од претстави и приказни во кои не сум се наоѓала потполно (и покрај тоа што актерот мора да одигра сѐ ), но зад кои сум морала да застанам, како лекар зад Хипократовата заклетва. Но незамисливо ми било да бидам дел од сценски израз што не бил и мое огледало и огледало на времето.

Ако актерот не се пронајде себеси на сцена, не значи по правило дека е лош. Тоа може да биде и од немањето можност да се одбие, да се каже – не, на пример, на нешто што не ти претставува предизвик или што не сакаш да го играш.

Кога гледаме претстави во кои се мачат актерите, и ние како публика се мачиме. Непријатно ни е зашто чувствуваме дека актерот не се пронашол себе си на сцена. Тоа се оние претстави што не извираат од потребата на режисерот и актерите да испратат јасна порака, на теми кои не ја допираат интимата и не бараат размислување, а, пред сѐ, претставуваат мода, нарачка, егзибиционизам, пропаганда, памфлет… и во кои актерот најчесто е само марионета или театарска реквизита.

Многу актери што носат потенцијал во себе се често недоволно искористени. Што заради незнаење на режисерите, што заради лош избор на улоги, но најчесто заради немање мотив, поттик, слобода и воопшто едно позитивно општествено настроение. Кога алтернативата е комплетно маргинализирана, но и жестоко обвинувана и прогонувана како „општествен непријател“, таа минува низ искушенија.

А денешниот човек е сѐ повеќе отуѓен, осамен, изолиран, и е сведен на површност од ситни задоволства и лесна забава, заглушен од бука на милион (небитни) информации. Тој е претворен во консумент на забава, а кај нас во голем дел и е на работ на опстанокот. Тој едноставно не е спремен да очекува „театарски чуда“  што ќе го му го просветлат духовниот живот.

ТЕАТАРОТ КАКО КИЧ

И кој воопшто е спремен во 21 век да губи драгоцено време занимавајќи се со душата на уметникот? Кој режисер има време да открива светови на актерот и да трага во нив? Како „бивш“ уметник (а сегашен наставник) сметам дека само од таквите „патувања“ може да се допре и најде онаа вистина, што ќе допре до срцето на човекот во публиката.

Ако не допреш до своето срце, нема да допреш ни до срцето на публиката. А за таа да го почувствува она што се случува на сцена, треба да ја допреш во срцето. Тоа е клучот со кој се отвораат и другите ментални хемии што тераат на размислување и на себеиспитување.

Фискултурните и техничките режисерски зафати можат да донесат нови естетски форми, но публиката, сепак, најчесто останува ладна во срцето. Затоа, за жал, нашите нови општествени „вредности“ го оддалечуваат актерот од срцето на публиката.

Кога последен пат сме се наежиле, заплакале, или смрзнале пред актерска креација кај нас? Или сме излегле трогнати и занемени по некоја претстава? Одговорот на овие прашања е одговор за тоа што претставува нашиот театарот денес.

Можеби треба да згазам на своите принципи и да стапнам во храмот на уметноста. Но, моите погледи и размислувања за театарот се главната пречка за тоа. А поистоветување на театарот со кич, овде и сега, ме прави уште понеколеблива.

Кога бев млада ме прашуваа зошто сакам да бидам актер. Им велев – сакам да го променам светот, сакам да им понудам на луѓето друга вистина, освен онаа што секојдневно ја живеат. Тоа, се надевам, го правам и денес. Зашто театарската сцена не е единствената и сите постоиме и опстојуваме во театарот на животот. А во него секој од нас мора да ја одигра својата животна улога. И тука нема бегање.

Поврзани новости