При градење на нови згради инвеститорите да бидат обврзани зградите да ги приклучат на централниот систем на градско греење. Вакво барање ќе поднесе Регулаторната комисија за енергетика и тоа да биде внесено во новиот Закон за градба. Од регулаторна велат дека ќе инсистираат, инвеститорите да бидат обврзани на ваков услов пред да го добијат одобрението за градба.
„За да немаме случаи како згради кои се наоѓаат покрај топлани во Скопје да не се приклучуваат на системи за топлинска енергија, и наводно ќе се грееле на струја. Тоа е апсолутно не логично решение и ние како РКЕ во нашите надлежности ќе се спротивставиме на тоа, дека овој тип на издавање на одобренија за градба е веќе дефиниран во земјите од ЕУ. И не може да си прави кој како сака, кога во таа зграда постои начин на затоплување“, рече Марко Бислимовски, претседател на РКЕ.
Поголемиот дел од новоизградените станбени згради сепак се поврзани на системот за парно греење, но добар дел од инвеститорите во станбените единици поставуваат само грејни тела кои работат на струја. Регулаторот смета дека доволен е фактот што земјава е увозно зависна од струја, природен гас, и од увоз на нафта, па затоа треба да се намали нивната потрошувачка а со тоа и трошоците на граѓаните и на државата.
Инаку, Бислимовски им порача на корисниците на парното греење од компанијата БЕГ да бидат спокојни дека во оваа грејна сезона промени во сопствеништвото на дистрибутивниот систем на топлинската енергија нема да има. Иако имаше најави дека Град Скопје ќе ја преземе работата, таква одлука се уште нема.
Од регулаторна посочија дека наредните две-три недели ќе се разгледаат сите информации и ќе се донесе конечен став за постапката за издавање лиценца за дистрибуција на топлинска енергија.