Електричната инсталација во модуларната болница во Тетово, која се запали во септември 2021 година, била направена без голем број документи.
Ова денеска на судско рочиште за пожарот во болницата го изјави Ирфан Шаќири, овластен судски вештак по електротехника.
Тој рече дека по наредба на ЈО извршил вешт наод за можните индиции за појава на пожар во модуларната болница, при што нагласи дека целата постапка за изведување на електричната инсталација во објектот од почеток до крај не е изведена согласно прописите и правилниците за ваков тип градба.
„Самиот чин на приклучување на објектот во напонската мрежа на операторот е изведена од двајца вработени во Клиничката болница без изготвување документ, односно елаборат којшто е неопходен за ваков тип. Целата работа на овие двајца електричари е изведена без никаков надзор од стручни лица овластени електроинженери, овластени од нашата Комора на електроинженери“ – посочи Шаќири на судењето.
Тој додаде дека објектот на модуларната болница бил проектиран и конструиран од компанијата „Брако“ по барање на МЗ, но кажа дека според изјавата на компанијата, нивната должност била единствено да го изготват и монтираат објектот на конкретната локација.
„Од нивна страна во делот на електричната инсталација, исто така, нема елаборат, бидејќи, како што велат, од нив никој не барал да изготват таков документ. Од нивна страна мене ми беше приложена само една шема која е битен елемент во процес на електрична инсталација, документ за сите уреди во самиот објект, но, како што ми беше посочено, била изготвена само за нивни интерни употреби, не беше валиден документ“ – додаде Шаќири.
Обвинетите, директорите Фљорин Бесими и Артан Етеми, докторот Бобан Вучевски и претставник на Клиничка болница Тетово како правно лице на почетокот на судењето истакнаа дека го разбираат обвинението, но не признаваат вина и дека не ги сториле делата за кои се товарат.
Судењето за пожарот во тетовската модуларна болница почна на 7 декември 2022 година.
Следното рочиште за овој случај ќе се одржи на 21 март годинава.