Лидерите на двете најголеми партии во земјава, Зоран Заев и Христијан Мицкоски на вчерашната средба не постигнаа договор за датум за одржување на предвремени парламентарни избори, а вечерва завршува вонредната состојба, што беше воведена од страна на претседателот Стево Пендаровски заради состојбата со епидемијата во земјава.
Имено, како што посочија од кабинетот на Пандаровски, каде се одржуваше средбата, лидерите се договориле да ја продолжат комуникацијата околу датумот.
Претходно, претседателот рече дека на средбата од Заев и Мицкоски ќе побара да најдат решение во однос на тоа кога би се одржале изборите.
Пендаровски додаде дека треба сите да се издигнат над овој момент кој е многу сериозен и комплексен, и да се најде решение бидејќи како што рече, не станува збор за месеци или години, туку за 8 до 15 дена разлика меѓу двата главни политички блока.
Кажа дека е можно и да ја преиначи одлуката за вонредната состојба и таа да биде продолжена уште неколку дена со цел да се дојде до меѓупартиски консензус за терминот на изборите.
Забележа дека не би било добро да имаме неинклузивен изборен процес, но и нефункционални институции.
-Ние имаме такви правни дупки сега, нема собрание, а има техничка влада. Техничка влада има лимитиран мандат, има само една главна задача, да организира избори. Изборите поради пандемијата беа одложени. Ние имаме дисфункционален политички систем во целина. Ако одиме со неинклузивен изборен процес во кој барем една половина од политички спектар ќе остане на улица и нема да ги почитува институции ќе биде уште полошо. Ако институциите се дисфункционални не сакам ни да размислувам што ќе се случува на седница на Влада, рече Пендаровски.
Тој посочи дека сега е топло, граѓаните може да не бидат дома во недела, да заминат некаде, затоа, како што посочи гласањето во среда, наместо во ден недела, може да се уреди со носење на уредба на Владата.
Додаде дека сите се свесни дека одзивот на гласачите ќе биде најмал досега.
– Сите политички лидери, како што рече, се согласуваат дека одзивот ќе биде многу помал од претходните избори. Според некој анкети можеме да имаме опаѓање на излезноста од 20 до 25 отсто, рече претседателот Пендаровски.
Власта и опозицијата, како што додаде, се согласни дека на изборите мора да има набљудувачи од ОБСЕ/ОДИХР и дека ДИК во соработка со Комисијата за заразни болести треба да изготви безбедносни протоколи за гласање.
Техничкиот премиер Оливер Спасовски истакна дека датумот за изборите е завршена тема за Владата.
– Неодговорно е државата да ја оставиме без парламент, со преодна Влада и со опозиција која е настроена деструктивно и само гледа да заработи некаков политички поен на сметка на кризата и на ризиците на кои се изложени граѓаните, напиша Спасовски на неговиот фејсбук-профил.
Заев порача дека денеска постои можност да се постигне консензус со опозицијата за изборите.
– Евентуална промена за вонредната состојба би можело да има заради изборите, ако се постигне консензус, рече Заев посочувајќи дека доколку нема договор за избори на 8 јули или воопшто договор за избори, по Устав и по закон е изборите да се одржат на 5 јули.
ВМРО-ДПМНЕ побара од претседателот Стево Пендаровски нова вонредна состојба поради зголемениот број на заболени и починати од Ковид-19. Подготвени се за разговори и средби, но не лицитираат со датуми за избори, бидејќи тоа за нив е ризик и играње со здравјето на граѓаните.
Амбасадорката на САД во државава Кејт Мари Брнз во изјава за МИА порачува дека е важно во земјава да се одржат избори затоа што, како што истакнува на Северна Македонија и се потребни потполно функционални институции за справување со сите предизвици, вклучително и со кризата со Ковид-19. Истакнува дека датумот за избори треба да се утврди во согласност со законите и Уставот на земјата.
Државната изборна комисија (ДИК) вчера на работен состанок ја разгледуваше владината Уредба за продолжување на изборните дејствија за параламентарните избори и врз основа на неа ќе ги започне активностите за гласање. Со уредбата, која вчера беше објавена во Службен весник и стапи во сила, ДИК е должна да ги преземе и изврши сите неопходни технички и административни активности заради подготовка на преостанатите изборни дејствија, согласно Изборниот законик.
Министерството за здравство, е должно, според утврдените протоколи од Комисијата за заразни болести, за потребите на изборите, а по добиени податоци од ДИК, да обезбеди заштитни маски, ракавици и друга потребна заштитна опрема за сите членови на изборните органи и средства за дезинфекција за секое избирачко место. Според информациите од ДИК, во врска со обезбедување на заштитната опрема за изборите, членовите на Комисијата со владини претставници ќе имаат во понеделник.