Популарниот кантавтор Ѓорѓе Балашевиќ вчера ја наполни концертната сала „Ватрослав Лисински” во Загреб до последно место, без при тоа да има било каква реклама за концертот, поставени билборди или плакати низ градот.
Покрај тоа, веќе биле распродадени и останите три концерти кои музичарот ќе ги одржи периодов во истата сала. Околу тоа како му успеало без медиумска помпа и реклами да ги распродаде концертите во рекордно време, за хрватските медиуми тој вели дека ниту самиот не знае како тоа се случува и не се работи за некаков Балашевиќ феномен, туку попрво би го нарекол феномен на доверба.
-Во Белград исто така одржав пет концерти за кои немаше ниту спотови, радио реклами, билборди или плакати. Како тоа ми успева, не знам ниту самиот. Јас само го работам тоа што најдобро го знам. Нема тука некоја генијалност. Социјалните мрежи превзедоа дел кој секогаш ми е непријатен, огласување, џинглови, гостувања по утрински програми и делење на влезници на слушателите кои први ќе се јават… Јас сум само еден од нас кој знае да напише песна, која би ја напишале сите слични на мене, кога би знаеле да пишуваат песни. Звучи комплицирано, но сосема е едноставно. Го почитувам ,,Лисински” но далеку повеќе ги почитувам луѓето кои го полнат. Околу два збора се врти се – доверба и посветеност – раскажа Балашевиќ пред вчерашниот концерт.
Скромниот уметник го имаше својот последен концерт во Скопје годинава, во мај. Тој настапи во ВИП Арената, по повод 40 години кариера, и ја исполни до последно место. Пееше повеќе од три часа, и ја воодушеви публиката со својата едноставност, но и генијалност во исто време.
Вики Клинчарова