„Бетон“ со судска спогодба наплатил од Општина Центар долг од 1,8 милиони евра

by fokus 11:19
11:19

Мостови, катни гаражи, споменици и плоштади, останале неисплатени, а завршени градби од проектот „Скопје 2014“. Поради долг за ненаплатени побарувања градежната фирма „Бетон“ покрена судска постапка против Општина Центар. Фирмата го завршила својот дел од договорот, но не и Општината која му должела на „Бетон“ 1.806.793 евра.

„Станува збор за побарување по основ извршени работи на дел од проектот Скопје 2014 и објекти во функција на овој проект. Сето ова беше по постапка направена од времето кога градоначалник беше Владимир Тодоровиќ, и завршено до 2013 година“, велат од Општина Центар.

- Advertisements -

Станува збор за двата нови моста над Вардар, Мостот око и Мостот на уметноста.

Меѓу неисплатените услуги се и градежните работи за катната гаража Судска палата, како и спомен обележјето Паднати херои за Македонија. „Бетон“ ја изградил и Колонадата на љубовта и достоинството, како и фонтаните и партерното уредување на Плоштад Пресвета Богородица, кои исто така останале неисплатени во целост.

Објектите беа подигнати пред два мандати во Општината. Одлуките за нивно издигнување ги донесе претходната постава на ВМРО-ДПМНЕ, кога градоначалник беше Владимир Тодоровиќ. Власта се смени, но долгот останал, а освен тоа се зголемивала каматата.

Па така Општина Центар постигнала спогодба со градежната фирма. Долгот да го плати, а „Бетон“ да се откаже од камата.

„Се работи за спогодба во постапка за медијација за регулирање на меѓусебните права и обврски од април 2017 година. Договорните страни ДГ Бетон АД Скопје и општина Центар се согласиле заради спогодбено решавање по пат на медијација на судски предмет заведен пред Основен суд Скопје 2, Општина Центар да изврши исплата на преостанатиот долг во износ од 111.117.822 денари, а ДГ Бетон се откажува од побарувањата на законска казнена камата“, додаваат од Општината.

Од таму посочуваат дека Општината го исплатила целиот износ од предметот на медијација.

М.В

Поврзани новости