Со изведување материјални докази предложени од одбраната на обвинетиот Богдан Илиевски денеска во Кривичниот суд во Скопје продолжи судењето за случувањата на 27 април минатата година во Собранието на Република Македонија.
Судскиот процес го води судијката Добрила Кацарска, а застапници на обвинението се Вилма Русковска и Ивана Трајчевска.
Кацарска повторно укажа дека одлуката на Судот останува иста во однос на доказите предложени по 21 август 2018 година.
Во судница се присутни сите обвинети, меѓу кои има пратеници, уметници, луѓе од собраниското обезбедување, вработени во МВР и граѓани.
Се пуштаа видео-снимки од говори на Богдан Илиевски пред Собранието на 27 април минатата година.
На почетокот од говорот обвинетиот Богдан Илиевски ги повикува насобраните граѓани „силно и бучно да ги потсетат пратениците во Собранието дека како што на сила седат внатре, може и на сила да излезат”.
Неговиот адвокат Дончо Ников укажа на фактот дека по тоа обраќање, толпата прави силна бука и никој од насобраните демонстранти не се упатува кон Собранието.
– Потоа се слуша дека толпата не ја повикува да влезе во Собранието, туку да слушнат нешто убаво и ја повикува следната говорничка Ивона Опетчевска Татарчевска, предвидена според програмата за протестите тој ден, вели адвокатот Наков.
Наведе дека потоа повторно без гестикулации и повикување, обвинетиот Илиевски, вели дека „ова ќе заврши на избори и секој што се обидува да направи државен удар ќе заврши неславно“.
– Од снимката се гледа дека никој од граѓаните, 22 минути по завршувањето на реченицата, за која обвинителството смета дека ги повикува граѓаните да влезат во Собранието, не влегол во Собранието, истакна адвокатот.
Обвинетиот Илиевски не даде одбрана.
Претходно, обвинетите Иван Цветановски и Борис Дамовски рекоа дека нема да изнесуваат одбрана.
Потоа, во судницата се изведуваа фотографии и снимки предложени од одбраната на обвинетиот Владо Јовановски.
Неговиот адвокат посочи дека дека од фотографиите се гледа со каква смиреност и во каква атмосфера без никакво насилство е обвинетиот Јовановски во собраниската пленарна сала.
– На снимката, посочи одбраната, се гледа како обвинетиот Владо Јовановски помага да се изнесе лице на кое му се слошило и излегува од Собранието.
Одбраната на Игор Дурловски нема докази и не даде исказ.
Судењето продолжи со исказ во неговата одбрана пред судот на обвинетиот Стефан Младеновски.