Бетиан Китев, пратеник од Кавадарци од редовите на СДСМ, вели дека владеачката партија ВМРО – ДПМНЕ во Тиквешијата ќе доживее дебакл за време на изборите, токму поради лозарите и нивните апели за помош со години наназад, на кои што сите останаа глуви. Лозаропроизводителите ќе ја паметат 2016 година како една од најтешките, со ниски цени, испрекинат откуп, исплата на рати, и тоа на шест месеци, но и предвремен прекин на откупот на грозје, што допринесе многумина да го остават грозјето необрано. Според него, иако ВМРО се претставува како ,,земјоделска,, партија, во случајов со лозарите сосема потфрлила, и се прашува како тие ќе им погледнат во очи на земјоделците за време на изборната кампања и како ќе ја оправдаат нанесената штета.
„Следејќи ги настаните околу откупот и пласманот на грозје и неговата исплата мислам дека ВМРО – ДПМНЕ прави едно систематско уништување на оваа гранка и тоа не е од сега или од скоро, тоа е однос кон лозарите 10 години.
Имено партијата која се декларира како „земјоделска“ со серија потези покажа дека тешкиот труд на лозарите и маката на земјоделците ја множи со нула. И еве конкретен пример …. замислете 10 години водат лажна пропаганда против СДСМ дека има тесни релации со дел од винарските визби, а тие без срам предложија мерка за субвенционирање на винариите. Ад хок решението за субвенции од 3 денари по килограм откупено винско грозје во 2016 да добијат винариите за количини кои се над 60% , но не повеќеод 130% во споредба со ланските откупени количини од сортата вранец, ниту на среден, ниту на долг рок ќе ја реши кризата која тврдам е резултат на човечки фактор.
Според тоа решението е во Владата и ресорното министерство преку конкретна мерка одвојување на буџетски пари за нормално одвивање на годинешната реколта и брза исплата на претходните години како јак стимуланс за лозарите и повторно наместо тоа го вратија старото решение за исплата на лозарите на 6 месеци, а согласно законот за земјоделство, земјоделските производи на сите други гранки се исплаќаат во износ од 20% во првите 20 дена, додека овде првите пари лозарот би ги добил првите 60 дена ( од завршување на откупот до 15 декември.)
Се на се, кога ќе ставите на кантар, ВМРО – ДПМНЕ во Тиквешијата предизвика елементарната непогода за лозаропроиводителите кај кои на долг рок ја изгубија подршката!“ – изјави за „Фокус“ Китев.
Како што веќе пишувавме во неколку наврати, оваа година беше катастрофална за лозарите. Голем дел од нив поминаа и по неколку дена пред винарските визби со трактори и приколки полни со грозје, чекајќи тоа да им биде откупено, по цени кои што воопшто не се исплатливи, а исплатата на рати само им ја зголеми маката. Тие реагираа дека владата направила голема грешка кога наместо да им помогне ним, се реши да ги субвенционира винариите. Покрај тоа што на лозјата останаа тони необрано грозје, многу лозари најавија дека планираат да ги ископачат лозјата и да ја прекинат вековната традиција на одгледување винова лоза, бидејќи кога ќе се одземат сите трошоци околу производството, заработката им е минимална.
Вики Клинчарова