Од Град Скопје соопштија дека бесплатниот превоз во автобусите на ЈСП ќе трае до 20.00 часот вечерва, затоа што концентрациите на ПМ10 честичките во воздухот се под прагот на алармирање.
„Со тоа, мерките и препораките за намалување на загадувањето на воздухот се укинуваат веднаш. Но, Град Скопје за да им овозможи на граѓаните коишто на своите работни места пристигнале со автобус, бесплатно да се вратат дома, од вечер (01.02.2018 година) во 20 часот го укинува бесплатниот јавен превоз“, велат од таму.
Овие мерки и препораки за намалување на загадувањето на воздухот ќе се воведат повторно доколку се повтори епизодата со загадувањето на воздухот, а за што граѓаните ќе бидат навреме информирани.
„И покрај расчистувањето на воздухот Градот Скопје апелира до граѓаните да не ги користат возилата без потреба, повеќе лица да се возат во едно возило, да се користи јавниот превоз, за затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ амбалажа, гуми и каков било синтетички материјал, да се користи суво и чисто дрво без примеси од земја и од отпадоци, а печките на дрва да се користат и одржуваат според упатствата на производителот“, порачуваат од таму.