Корисниците на социјална и постојана парична помош како и лицата со ниски бруто примања до 168 илјади годишно ќе бидат целосно ослободени од трошоците во постапката на легализација на дивоградбите, изјавија министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Славче Трпески на заедничка прес-конференција.
Оваа промена ќе следува со измените на Законот за катастар на недвижности.
Граѓаните приматели на социјална и постојана парична помош ќе треба да обезбедат потврда од Центрите за социјална работа, а граѓаните со ниски примања до 168.000 денари годишно ќе треба да обезбедат потврда од Управата за јавни приходи, а потоа ќе можат во подрачните одделенија на Агенцијата за катастар на недвижности да поднесат барања за бесплатен елаборат за легализација.
„Главниот ефект од оваа нова мерка е да бидат опфатени што повеќе лица кои се наоѓаат во потешка материјална состојба. За таа цел се предвидува задолжително водење регистар од страна на општините за поднесени барања за легализација во електронска форма. На тој начин, министерството ќе има можност да ги потикне сите корисници приматели на социјална и постојана парична помош кои не поднеле барања за бесплатен елаборат за легализација до Агенцијата за катастар на недвижности, тоа да го направат што поскоро”, рече Спасов.
Оние кои ќе извршат легализација на објектите во кои живеат, нема да го изгубат правото на социјална и постојана парична помош.
Очекувана бројка на лица кои ќе ја искористат оваа мерка се 34.000 приматели на социјална помош и 5.000 приматели на постојана парична помош.