Една година од смртта на Роберто Беличанец

by Фокус

Помина една година од смртта на Роберто Беличанец, проминентен аналитичар и колумнист, жесток критичар на состојбите во општеството, но и на сите власти. Беличанец почина на 42 години од срцев удар. Поголемиот дел од својот живот тој го помина борејќи се за слободата на говорот и слободната мисла.

Никого не оставаше рамнодушен со неговите дневни дози хумор искажани преку колумни или на социјалните мрежи. Најзапаметен ќе остане неговиот цитат – „Тишината не е решение“!

„Помина една година без него, а јас секој ден го чекам да се појави во канцеларија во бело ленено и бушава коса“, напиша на социјалните мрежи неговата колешка Јасна Андоновска од Центарот за развој на медиуми.

„Друже, кој што сака нека мисли, борбата ја продолжуваме, но ти сѐ повеќе недостигаш…“, гласи статусот на Фејсбук на Билјана Бејкова од НВО Инфоцентар.

„Сакав само денес да ти кажам нешто – не се грижи, откако реши да отпатуваш, ништо ново не се случило. Сѐ си е по старо, дури данбетер! Упорно создаваме илузија дека нешто правиме, симулираме активности, се истоштуваме до бесвест во празно, имаме големи идеи за промена, по кафеани разговараме како од утре ќе почнеме со промената… повеќемина имаат и смисла за хумор, што е добро во вакви времиња… креативноста блика на сите страни, а тоа е многу важно за револуцијата, ти треба да занеш, доаѓаш од Прилеп… Би ми рекол „гледам револуцијава толку бујно тече, што не можеме да ја запреме – ојде низ канализација.“ Значи да не се секираш, ние сѐ уште дебатираме, активни сме на ФБ, организираме разни активности, ваму-таму по некој проект, лево-десно по некој текст, горе-долу по некоја собиранка, колку да не заборавиме дека сме заедница, колку да се оправдаме пред самите себеси… и така… да останеше, мислам дека ќе ти беше многу досадно право да ти кажам. Но, малку и да те искарам – да не си заминеше, можеби ќе нѐ подбереше ко што беше тргнал да нѐ подбираш лани, па ќе беше поинтересно… како и да е… Реши да нѐ оставиш и сосема те разбирам – за оставање сме! Ајде сега, прими млаки и испустени поздрави од пустелијава. кај и да си, биди сигурен, подобро е… нѐ зезна, за памет да ни дојде, ама никако да дојде, еве цела година помина..“, напиша Искра Гешоска, претседател на невладината Контрапункт.

Во 2001 година Беличанец го основа и беше директор на Центарот за развој на медиуми, а претходно беше и основач на Македонскиот прес-центар. Својата професионална кариера ја почна во раните 1990-ти години како дел од првата екипа на неделникот „Фокус“.  Роден е во Прилеп на 1 февруари 1972 година и е татко на три деца.

Колега, навистина недостигаш!

Поврзани новости