Преку забрзување на вкупните инвестиции, во јавниот, но и приватниот сектор, ќе се генерираат нови работни места и ќе се забрза економскиот раст, посочува во интервју за „Гласот на Америка на македонски јазик“, министерот за финансии Фатмир Бесими.
Тој посочува дека во буџетот се издвоени средства за капитални инвестиции во вредност од 5,3% од БДП, што е двојно повеќе во однос на историскиот просек, но и дека преку програми ќе се поттикнуваат инвестиции од приватниот сектор. За поддршка на приватниот сектор, но и населението во буџетот се предвидени и 225 милиони евра за антикризни мерки.
„Очекуваме инвестициите во вкупната економија во следните пет години од сегашните 31% – 32% да пораснат на 38% – 39%. На тој начин ќе се генерираат нови работни места, но и економскиот раст ќе се удвои во однос на тоа што бил во минатото, односно од околу 2,5%, би очекувале стапки на раст од 5% просечен годишен раст“, вели министерот за финансии.
Тој објаснува дека овие очекувања се темелат на заложбите на Владата да ги зголеми значително јавните инвестиции, преку крупни капитални проекти како почетокот на четирите нови автопати на Коридорите 8 и 10, но и изградбата на источната и западната пруга на железницата на Коридорот 8 и рехабилитација на пругата на Коридорот 10, како и вложување во енергетската независност.
Бесими истакнува дека и преку програми финансирани од буџетот се поттикнуваат и приватните инвестиции.
Во однос на изградбата на автопатите на Коридор 8 и 10, министерот за финансии посочува дека со нивното завршување нашата земја ќе стане крстосница на европските патишта, на клучните паневропски коридори, што е стратешки важно како за нас, така и за целиот регион.
Проектот неколкукратно ќе ја подобри економската позиција и економскиот развој, со ефект од околу 2% од БДП на годишно ниво, или 10% од БДП во тек на 5 години колку што ќе трае.
Министерот посочува дека во буџетот за годинава се издвоени 225 милиони евра за антикризни мерки или тоа се околу 1,5% од БДП.