На собраниската Комисија за финансирање и буџет на која започна расправата по ребалансот на Буџетот, министерот Бесими појасни дека четвртиот пакет мерки се состои од три столба и тоа првиот е наменет за граѓаните и за сочувување на нивниот стандард, вториот за приватниот сектор, односно за економската активност и работните места, а третиот столб подразбира фискална и финансиска стабилност на економијата во целина.
– Таргетираните мерки ќе го амортизираат ударот врз погодените домашни компании преку стимулирање на приватната потрошувачка и поддршка на приватниот сектор, рече Бесими.
Вкупните приходи се планирани на ниво од 196,3 милијарди денари и истите се планирани на речиси идентично ниво во однос на планот, додека вкупните расходи се планирани на ниво од 253 милијарди денари или за 4,1 проценти, односно за околу 10 милијарди денари повисоки во однос на планот. Врз основа на вака планираните приходи и расходи, дефицитот е позициониран во износ од 56,6 милијарди денари, односно 8,4 проценти од БДП.
Осврнувајќи се на ревидираните податоци за БДП за 2019 година од страна на Државниот завод за статистика, според кои, номиналниот БДП е корегиран во надолна насока, односно од 698 милијарди денари на 689 милијарди денари, Бесими рече дека во една ваква ситуација, се создава потреба од надолно прилагодување на проектираниот номинален БДП за 2020 година.
– Како резултат на ова, во услови на непроменето ниво на буџетски дефицит во апсолутен износ од 56,6 милијарди денари, истиот како процент од БДП изнесува 8,5 проценти, наместо 8,4 проценти. Јавниот долг во вториот квартал, кој во апсолутен износ, исто така е непроменет, но заради надолната ревизија на номиналниот БДП истиот од 59,5 проценти од БДП, со новата проекција изнесува 60,3 проценти од БДП, појасни Бесими.
Со ребалансот на буџетот се додаваат средства во програмата на Владата која е наменета за спроведување на дел од мерките од четвртиот сет како мерки за поддршка за исплата на плата за компании кои имаат одреден пад на приходи како последица на пандемијата, домашна платежна картичка, поддршка на производители, преработувачи и извозници на грозје, наливно вино и вино во шишиња, туристички водичи, регистрирани како самостојни вршители на дејност, враќање на туристичка такса за 2019 година за остварени ноќевања, македонски викенд шопинг со МојДДВ, државна гарантна шема и царинската гаранција и грантови за туристички агенции, игротеки и ресторани за свадби.
Проектираниот дефицит за 2020 година, отплатата по основ на главница на надворешен долг во износ од 26,9 милијарди денари и отплатата на домашен долг во износ од 15,3 милијарди денари ќе се финансираат преку задолжување во странство и на домашниот пазар на државни хартии од вредност.
Оценката на опозицијата е дека се носат популистички мерки без Владата да се фокусира на она што значи раст на БДП.
– Буџетите што ги планира оваа Влада не ги даваат очекуваните резултати. Граѓаните секојдневно реагираат за се понамалена потрошувачка кошница и за се поголемата неизвесност која ја имаат, рече Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, реализацијата на првите три пакети антикризни мерки е само 33 проценти.