Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски интеграции, Фатмир Бесими, денеска во Брисел се сретна со првите луѓе во Директоратот за проширување на ЕУ. На овие средби главна тема бил претстојниот прогрес-извештај на Европската комисија за Македонија.
-Очигледно е дека очекувањата во Брисел се големи за Македонија и за тоа земјата задолжително и ефикасно треба да работи на имплементација на политичкиот договор од 2 јуни, заедно со пакетот на реформи. Целта е сето тоа соодветно да се рефлектира во претстојниот извештај и Македонија да биде пред Европскиот совет со уште една препорака за отворање на преговорите за членство во ЕУ и со извештај што ќе даде насоки за во наредниот период да се реализира агендата за проширување на ЕУ со натамошен прогрес на очекуваните реформи што се најзначајни за Република Македонија, изјави Бесими.
Освен на оваа тема, се разговарало и за регионалната конференција што се организира во Брисел за ИПА-фондовите што се наменети за повеќе држави и подобра координација во наредниот период.
-Исто така имав средба и со еврокомесарот за образование Тибор Наврачич со кого разговаравме во однос на политичките збиднувања во Република Македонија, но и за работите што се однесуваат за развојот на земјата и за улогата што во тој контекст ја има и образованието, односно искористување на програмите на ЕУ за поддршка на младите во однос на образованието, додаде Бесими.