Кон крајот на минатата година беше објавен деветтиот владин пакет антикризни мерки кој содржи 23 мерки во вкупна вредност од 662,4 милиони евра.
Според министерот за финасии Фатмир Бесими, од новиот пакет 123,7 милиони евра се со директни фискални импликации, додека останатите со индиректни, а распоредени се во две фискални години, како што потенцира, внимавајќи на фискалната одржливост.
Притоа, три претходно донесени системски мерки, или подобро кажано политики, во 2023 и 2024 година го чинат буџетот дополнителни 516,3 милиони евра- пишува тој во својата колумна посветена на деветтиот пакет антикризни мерки, тагретирани за поддршка на стопанството и за најранливите категории.
Како што наведува Бесими, изминатиот четиригодишен период бил со испреплетени кризи, почнувајќи од панедмијата со Ковид 19, па се до енергетската криза, која ескалирала на почетокот на 2022 година, со ефектите од руско-украинскиот конфликт.
-Значи, претходните осум пакети на антикризни мерки достигнаа ниво од околу 1,96 милијарди евра. Со тоа е намален економскиот пад во 2020 година, кој беше компензиран во растот во 2021 година, за потоа растот во 2022 година, 2023 година и проектираниот раст во 2024 година да бележи забрзана нагорна динамика.
Во насока на продолжување на таргетираната поддршка кон ранливите домаќинства и компаниите во 2023 година, новиот пакет мерки има за цел поддршка на млади лица (ученици и студенти) од ранливи категории на семејства, најранливи категории на граѓани (пензионери со ниски пензии, лица и деца со посебни потреби, самохрани родители приматели на ГМП, итн.), земјоделците за стимулирање на производството на храна, како и поддршка на компаниите во процесот на зелена транзиција (земјаќи предвид дека климатките промени се еден од факторите кои можат да имаат ефект врз ценовните притисоци во иднина). Ако подетално анализираме, секоја од овие мерки има за цел обезбедување на социјална и економска одржливост.
Со мерките од деветтиот пакет се опфаќаат 120.000 млади лица, околу 74.000 социјално ранливи категории на граѓани, околу 187.000 пензионери, 40.000 земјоделци, 540.000 корисници на апликацијата Мој ДДВ, 600.000 домаќинства, како и 70.000 компании. Ако се земат предвид и системските мерки, зборуваме за 338.000 пензионери и 106.000 вработени во јавниот сектор. Истовремено, преку прудентната политика ќе се зачува фискалниот простор и ќе се осигури одржувањето на макроекономската и фискална стабилност – истакнува Бесими.
Новиот пакет на мерки бил поделен во следните категории:
1) Мерки за поддршка на граѓаните и домаќинствата (поддршка на учениците и студентите од семејствата со ниски примања, поддршка на ранливите категории граѓани, пензионери и домаќинствата со пониски примања, поддршка на земјоделците);
2) Мерки за поддршка на стопанството (поповолни кредити за ликвидност и инвестиции, субвенционирање на придонеси за повисоки плати);
3) Мерки за поддршка на jавниот сектор (општини и јавни претпријатија);
4) Системски мерки кои придонесуваат за ублажување на ефектите од ценовната и енергетската криза.
Бесими посочува дека ефектите од овие мерки најдобро ќе се видат кога ќе започне нивната реализација и кога ќе почнат да ги анализираат понатаму макроекономските податоци, како што тоа се правело сега за претходните пакети.
-Понатаму и за овој пакет мерки, меѓународните финансиски институции и економистите ќе можат да дискутираат за нивната успешност. За ефектите многу порано ќе можат да судат граѓаните и фирмите кои ќе ги ползуваат мерките.
На крајот ќе истакнам дека нема универзален рецепт за побрзо заздравување и забрзување на растот, тоа ќе биде процес на постојано прилагодување и надградување. Моделот треба да се скрои согласно економската структура, окружувањето и очекувањата, да се има целата слика при кроењето на стратегијата и секогаш прва и последна точка треба да биде добробитта на граѓаните. Тоа е економската формула која ќе даде успех – тврди Бесими.
Вики Клинчарова