Со ребалансот на буџетот што владата го усвои на вчерашната седница се овозможува спроведувањето на четвртиот пакет антикризни мерки, кој има за цел да обезбеди одржливост на домашните економски дејности и на работните места, да помогне одредени погодени дејности, да обезбеди стабилност на социјалните трансфери, рече министерот за финансии Фатмир Бесими.
-Очекувањата се дека економијата ќе забележи пад од 4,4 отсто во 2020 година. Мора да се напомене дека падот ќе беше повисок, имајќи го предвид четвртиот сет на мерки. Ревидирана е и стапката на инфлација која се очекува да изнесува 1 отсто – рече Бесими.
Тој информираше дека реализацијата на буџетот заклучно со септември на приходната страна изнесува 136 милијарди денари или 69,1 отсто во однос на планираните приходи за 2020 година. Реализацијата на расходната страна, пак, рече тој, изнесува 171,9 милијарди денари, што претставува 70,5 отсто во однос на годишно планираниот износ со првиот ребаланс, или за 10,7 отсто повеќе во однос на лани.