„Нема замрзнување на платите, такво нешто во никој случај не е кажано. Напротив во последните три-четири години постојано во цел јавен сектор има движење на платите како што се образованието, здравството, безбедносните структури, инспекторатите, судството, обвинителството. Значи секаде каде што е констатирана потреба, секоја година имало корегирање на платите нагоре“ порача денеска министерот за финансии, Фатмир Бесими.
Тој во изјава за медиумите повтори дека мора да има системско и финансиски одржливо решение за платите кое ќе важи за целиот јавен сектор бидејќи сегашниот систем на плати, како што рече, е фрагментиран и има парцијални решенија кои делумно ги решаваат работите.
„Во синдикатите гледаме партнер да ги решиме овие работи. Треба да има едно системско, одржливо решение коешто ќе важи за сите во јавниот сектор и со кое ќе нема потреба секои шест месеци да се преговара со синдикатите. Напротив, да имаме решение коешто секоја година ќе важи и тоа во рамки на законот и Општиот колективен договор. Како што минималната плата расте по сила на закон и нема потреба повторно да се преговара, како што пензиите растат по сила на закон, така и со ова решение“ – рече Бесими.
Како што кажа министерот, барањето на синдикатите просечната плата да се земе како основица е прифатливо, но со временска дистанца.