Во земјава постои консензус меѓу власта, опозицијата и бизнис-заедницата дека е време да се дизајнира моделот на еколошки давачки, дилема и дискусија е дали токму сега е тајмингот за нивно воведување, изјави министерот за финансии Фатмир Бесими.
-Инфлацијата што би се предизвикала од неа останува во рамките на проекциите и нема да предизвика инфлаторна спирала. Важно е што овие средства ќе бидат за зелената агенда и за проекти што значат енергетска ефикасност, обновливи извори за енергија и подобрување на животната средина по сите програми и основи – рече Бесими.
При донесувањето на ребалансот на Буџетот, Бесими очекува да има суштинска расправа со конструктивна дебата, предлози и сугестии. Според него, не треба да се очекуваат опструкции од опозицијата зашто, како што вели, сите исто ќе ги почувствуваат придобивките или последиците од економската криза.
-Дебата очекувам, но не очекувам блокада. Станува збор за ребаланс за зајакнување на инвестиции, економска поддршка и заздравување од Ковид-19. Причина за ребалансот се зголемените приходи, кои се поголеми од предвидените во Буџетот. Со ребалансот го зголемуваме учеството на капиталните расходи во Буџетот од 9,4 на 11,3 проценти што е највисока стапка во последната декада – рече Бесими.