Повлечен е Законот за учебници

by fokus

Владата се повлекува од предлог-законот за учебници и наставни материјали со кој од следната година четвртоодделенците требаше да почнат да учат од дигитални учебници. Иницијативата „Учебници и настава мора да има“ добиле официјално известување од претседателот на Собранието, Талат Џафери, дека Владата го повлекува Законот за учебници и наставни материјали во основното и средното образование.

„Ве известувам дека Владата на Република Северна Македонија со допис заведен под број 08-2167/3 од 30 јуни 2021 година, ме извести дека Предлогот на закон за учебници и други наставни и дидактички материјали во основното и средното образование, примен и заведен во Собранието на 29 април 2021 година под број 08-2167/1 го повлекува“, се вели во дописот од Џафери.

Претставничката на иницијативата, Драгана Спасевска вели дека поради ова повлекување нема да се одржи ниту референдум, како што тие бараат. Родителите излегоа на неколку протести во изминатиот период со барање за повлекување на предлог-Законот, а поднесоа и иницијатива за државен референдум каде ќе се изјаснат дали Законот да се донесе.

Од опозицијата сметаат дека ова ги потврди нивните тврдења дека тоа што го нудела Мила Царовска не е дигитализација, туку само дигитални учебници на начин за кој нема друг пример во цивилизираниот свет.

-Нашиот став е јасен, во овие внатрешно-политички и надворешно-политички околности првата опција за децата и за наставниците мора да бидат хартиените учебници. Знаеме колкава е бројката на ранливи категории и тие кои се на раб да станат ранливи во пандемијата и силно сме уверени дека тие никако нема да бидат рамноправни во употребна на вака замислениот проект за дигитални учебници – порача Иванка Василевска, пратеничка на ДПМНЕ.

Поврзани новости