Бесими најави задолжувања преку четири нови обврзници

by Fokus

Вкупните буџетски расходи идната година ќе изнесуваат 272,4 милијарди денари (околу 4,43 милијарди евра), или 35,2 отсто од домашниот бруто-производ, додека вкупните приходи се проектирани на 238,9 милијарди денари (или околу 3,8 милијарди евра) односно 30,9 отсто од БДП. Буџетскиот дефицит е предвиден во износ од 33,5 милијарди денари или околу 544,4 милиони евра (4,3 отсто од БДП). Разликата меѓу расходите и приходите ќе се пополни со задолжување од домашни и странски извори, при што за таа цел покрај постојните видови обврзници. ќе се издаваат и четири видови нови – развојни, зелени, проектни и индексирани со инфлацијата.

Ова денес на прес конференција го изјави министерот за финансии Фатмир Бесими образложувајќи го Предлог-буџетот за 2022 година кој беше усвоен викендов на владина седница, но поради изборниот молк беше презентиран денеска.

-Главна каракеристика на буџетскиот дефицит ќе биде што тој ќе се користи за поддршка на капиталните расходи, односно на капиталните инвестиции, кои се предвидени во износ од 37,8 милијарди деанри. Ова значи дека капиталните расходи се поголеми од буџетскиот дефицит што покажува дека буџетот за наредната година е развоен, рече Бесими на прес конференцијата.

Тој посочи дека вкупните буџетски приходи од 238,9 милијарди денари се за 7,4 отсто повисоки од процената за остварување на Буџетот за 2021 година. Притоа, даночните приходи ќе изнесуваат 136,5 милијарди денари или за 10,2 отсто повеќе од годинава. Тој рече дека треба да се има во предвид дека овие приходи се проектирани во услови кога со законски прописи се намалени некои давачки, како на пример намалената стапка на ДДВ за некои угостителски услуги, повластената стапка на ДДВ за електричната енергија за домаќинствата и тн.

Расходната страна е зголемена номинално за 1,4 проценти или за 3,7 милијарди денари. Министерот Бесими најави натамошна фискална консолидација, намалување на непотребните расходи, поефикасно трошење на јавните пари и тн.

Тој рече дека буџетот и идната година ќе остане ликвиден и дека исплатата на платите, пензиите и социјалните надоместоци ќе биде редовна и навремена.

Бесими најави и поголеми плати за здравствените работници, во износ од 5 отсто, односно, како што објасни тоа што годинава го добивале како бонус кој бил обезбеден преку кредит од Светската банка, во наредната година ќе се трансформира во редовни зголемени плати, за што се предвидени буџетски средства.

Повеќе средства ќе добие и локалната самоуправа, со оглед на донесените законски решенија годинава за натамошна фискална децентрализација.

Инаку, за наредната година се предвидува раст на БДП од 4,6 отсто, додека инфлацијата ќе изнесува 2,4 отсто.

Toј појасни дека ќе има новини во финансирањето и најави изадавање на четири видови нови обврзници односно развојни, зелени, проектни и обврзници индексирани со инфлација.

Бесими вели дека со парите позајмени преку развојни обврзници ќе се финансираат најмногу капитални проекти и капитални расходи, зелените се за потикнување проекти за унапредување и заштита на животната средина, а проектните ќе се врзуваат со одреден проект односно ќе се позајмуваат пари за конкретен проект. За обврзниците кои се индексирани со инфлација Бесими рече дека ќе имаат тројни ефекти односно ќе ја намалат готовината во оптек ќе придонесат за намалување на неформалната економија.

Бесими вели дека е планирано и предвремено враќање на дел од надворешниот долг ако има околности.

Поврзани новости