Бесими до инвеститорите: Годинава се очекува закрепнување на инвестициската активност

by Fokus

Годинава нашата економија ќе се врати на патеката на економскиот раст, додека следната година ќе го достигне преткризното ниво. На среден рок, очекувам повисоки стапки на раст на економската активност и достигнување на просечно ниво од пет отсто во следните пет години, со паралелна фискална консолидација во насока на одржливост на растот, рече министерот за финансии Фатмир Бесими на Форумот на Централна и Источна Европа, што го организира „Еуромани“ и е еден од водечките традиционални настани од областа на финансиите.

Според Бесими, годинава се очекува закрепнување на инвестициската активност, потрошувачката и нето странската побарувачка, при што е проектиран раст од 4,1 отсто во 2021 година, согласно основното сценарио. Ова сценарио претпоставува слабеење на здравствената криза и етапно подобрување на епидемиолошката слика, повисока искористеност на производствените и услужните капацитети, поволни ефекти од економските мерки, како и зголемена доверба кај потрошувачите и инвеститорите.

Тој посочи дека редизајнирањето на буџетската политика и политиките насочени кон економско заздравување и забрзан раст-SmartER Growth Policies се цврста основа за забрзување на економскиот раст во наредниот период, враќање на економијата на преткризната патека на раст во втората половина на 2022 година и обезбедување на побрз економски раст на среден и долг рок. Главна цел е на среден рок да се забрза економскиот раст од 2,6 проценти, колку што бил просечно годишно во претходните десет години, на околу пет отсто просечно во следните пет години, а притоа да се постигне и фискална консолидација за да се обезбеди одржлив и инклузивен раст.

Министерот за финансии рече дека одговорот на пандемијата од страна на нашата Влада преку фискалната политика бил брз, внимателно таргетиран и значаен од аспект на поддршката на претпријатијата и вработените во најпогодените дејности и на ранливите категории на население. Четирите пакети на економски мерки беа насочени кон поддршка на домаќинствата и нивната потрошувачка, помош за фирмите со цел одржување на работните места и подобрување на нивната ликвидност, но и нивна поддршка за инвестиции и извоз. Тој посочи дека државната помош преку различни мерки ќе продолжи и во 2021 година, со цел побрзо закрепнување на домашната економија и создавање основа за забрзан економски раст на подолг рок.

Поврзани новости