„Има голем одлив на медицински сестри во странство“ – изјави денеска Гордана Бешлиоска, претседателка на Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри – „За нас“.
Според побарувањата за исписници и потврди што ги бараат од кај нас во Здружението, за да си ја комплетираат документацијата за во регионот и Европа, имаме многу голем одлив, вели таа.
„Имавме дури период после пандемијата со Ковид-19, кога на месечно ниво до четириесет медицински сестри заминуваа од сите нивоа на јавниот здравствен систем“ – појасни таа, одговарајќи на новинарско прашање.
Проблемот не бил во тоа што заминувале само во странство, туку и во приватните здравствени институции, а заминувале и воопшто од професијата.
Затоа, подвлече таа, многу е важно да се има автономност во професијата, здрава работна околина, подобри услови за работа, веднаш да се реагира, за да не се биде нација што ќе остане без медицински сестри.
Бешлиоска рече и дека биле маргинализирани во однос на многу нивни барања досега, иако редовно го кревале гласот и реагирале.
Изрази надеж дека конечно професијата ќе се изрегулира со закон.