Генералниот секретар на Беса, Арјанит Хоџа вели дека неговата партија нема да се приклучи кон евентуалната коалиција на СДСМ и ДУИ за локалните избори, и оти се подготвуваат на изборите да настапат сами. Како партија, нагласи тој, ценат дека нивното присуство во Владата направило разлика и сакаат таа разлика да се отслика во гласови и реално како политичка партија да видат како ќе биде оценето нивното десетмесечно учество во извршната власт.
Тој не сакаше да коментира ништо во врска со средбата на лидерите на СДСМ и на ДУИ Зоран Заев и Али Ахмети, затоа што, како што истакна, не се познати детали од тоа што договориле двајцата лидери.
-Оставаме да се објават детали од договорот бидејќи изјавата е многу општа, па да почекаме да видиме врз основа на што ќе се држи таа коалиција, односно на што ќе се темели тој договор што го направила, рече Хоџа.