Никола Груевски го навреди достоинството на граѓаните на општина Студеничани при својата вчерашна посета, реагрира движењето БЕСА-Каршиака и вели дека е несфатливо како локалните власти во Студеничани толку евтино ја продаваат Каршиака.
„Во Студеничани, каде живеат 8.000 жители Албанци премиерот Груевски помина многу евтино, бидејќи локалните авторитети се задоволија само со неколку стотини метри асфалт. А, зошто Груевски не отидовте во село Моране и да видите во каква мизерија живеат 3.000 жители? А во дефилето во село Батинци господине премиере дали видовте дека 7.000 жители продолжуваат секој ден да ги поминат руинираните улици, неасфалтирани, дека имаат проблеми со канализацијата и со немањето вода за пиење?! Дали ја почуствувавте лошата миризба на депонијата Дрисла , која претставува своевиден Југохром за Батинци? Дали, лошата миризба, ви ги надразни ноздрите“, прашуваат од БЕСА.
Движењето побара одговор од локалните авторитети, дали од Груевски побарале информација до каде е правдата за малолетникот Рамазан Исени од Студеничани кој, како што се наведува, пред два дена на варварски начин бил претепан во центарот на Скопје.
-Дали локалните авторитети побарале од премиерот информација за злосторството што се случи пред неколку дена во центарот на Скопје, каде беа масакрирани младите Бурхан Исмаили и неговиот братучед од Батинци?, прашуваат од БЕСА.