БЕСА ќе бара прегласување: Да не беа притисоците и купувањето гласови ќе победевме

by fokus

Да не беа нерегуларностите, полнењето кутии, купувањето гласови и разните притисоци, ние денес со сигурност ќе бевме победничка опција кај Албанците, изјави за „Фокус“ Орхан Муртезани, портпарол на Беса, новата политичка сила на македонската политичка сцена која на деветите парламентарни избори вчера, според прелиминарните податоци, освои 57.927 гласови (4,87отсто), наспроти  86.812 гласови на контото на партијата на Али Ахмети.

Беса, како што најавува Муртезани, ќе бара прегласување во неколку избирачки места, но со оглед на тоа што пребројувањето на гласовите се уште трае, нема детали каде се констатирани неправилностите.

„На Македонија и треба нов дух, нови луѓе кои се реализирани интелектуално, професионално и луѓе кои се чесни. БЕСА е издигната врз овие принципи и граѓаните го препознаа ова. Затоа мислиме дека овие резултати за нас не се изненадување, туку напротив ние очекувавме уште повеќе гласови. Да не беа нерегуларностите, полнењето на кутии, купувањето на гласови и разните притисоци, ние денес со сигурност ќе бевме победничка опција кај Албанците. Најдобар одговор е тоа дека ние одговараме на предизвиците на модерните времиња“, вели Муртезани од БЕСА каде што моментално се одвива, како што вели, проверка на податоците од записниците од избирачките места со бројот на гласовите внесени од општинските комисии.

Ставот на БЕСА во предизборието беше јасен – дека во никој случај не би коалицирале со партии чие раководство е вмешано во криминал и тој став го потврдуваат и денеска:

„И во текот на кампањата неколку пати сме се изјасниле дека не можеме да водиме преговори за коалиција со партија чии челници се осомничени за вклучување во криминал и злоупотреба на службената должност. Начелно сме отворени за разговор со сите опозициони партии, меѓутоа моментално најбитно е да процесираме неколку избирачки места, во нив да има прегласување, па после официјалните резултати, органите на партија ќе одлучат за стратегијата и за нашите преговарачки позиции“, вели Муртезани.

С.М.

Поврзани новости