БЕСА и АА обвинуваат дека на денот на гласање се тепале и апселе нивни активисти, се гасела струја, се запалило школо

by Фокус

БЕСА и Алијансата за Албанците, кои настапија со здружени сили во вториот круг на локалните избори, изнесуваат сериозни обвинувања за изборни нерегуларности и насилство на денот на гласање, кои, доколку се точни, фрлаат сомнеж врз кредибилноста на резултатите во неколку општини.

Од БЕСА посочуваат оти на денот на гласање многу нивни активисти биле нападнати, додека двајца активисти во Чаир во биле уапсени од страна на полицијата. Како што велат од оваа партија, тие биле на чело на избирачките центри во основните училишта Рајко Жинзифов и Васил Главинов, каде кандидатот на ДУИ Висар Ганиу ја прави клучната разлика против Зекрија Ибраими од БЕСА.

-Тие беа држени во полициска станица се до 20 часот за наводен поткуп, иако кај нив не биле пронајдени пари. Токму на овие места кандидатот на ДУИ победа со поголема предност, поради која на крајот победи со вкупна разлика од 200 гласа, и покрај тоа што нашиот кандидат освои повеќе гласови во 80 отсто од избирачките места – велат од БЕСА.

Од Алијансата за Албанците, пак, истакнуваат дека на денот на гласање во многу тетовски села на Шар Планина, меѓу кои Гајре, Селце, Гермо, Шипковица и други, била исклучена електричната енергија, додека во Ново Село во рамки на Општина Боговиње, било запалено основното училиште. Токму на овие гласачи места, истакнуваат од партијата, кандидатите на ДУИ, Теута Арифи и Берзах Бејтулаху освојуваат значително повеќе гласови од Биљал Касами од БЕСА и Аљбон Џемаили од АА.

-Пожарникарите ни кажаа дека училиштето не можело да се запали од неисправна електрична инсталација, што значи дека е подметнат. Баш во ова место и во селата каде снема електрична енергија, ДУИ победи бидејќи се полнеа кутии и се поништуваа гласачки ливчиња – велат од АА.

Двете партии ги пријавиле овие нерегуларности во ОБСЕ/ОДИХР и МОСТ, а поднеле и десетици приговори до Државната изборна комисија, бидејќи, според нив, во многу гласачки места се најдени гласачи ливчиња од друга општина, додека некаде имало и повеќе ливчиња отколку регистрирани гласачи.

В.С.

Поврзани новости