САД поддржуваат темелна, брза и транспарентна истрага во сите случаи каде што постојат тврдења за корупција и злоупотреба на функцијата. Исклучително е важно, во секој случај со вакви тврдења, тие поединци да бидат повикани на одговoрност, а Владата да презема дејствија. Ги уважуваме и ги поздравуваме чекорите што ги презема Владата за ставање крај на корупцијата и во борбата против неказнивоста.
Ова во денешното интервју за телевизијата Алсат М, прво по нејзиното стапување на функцијата, го изјави американската амбасадорка во земјава Кејт Бернс.
– Ние ќе продолжиме да го поттикнуваме премиерот Заев да бара одговорност од сите владини претставници и да гарантира дека без оглед на нивото на функцијата, луѓето треба да имаат доверба во владините институции и тоа што тие можат да сторат за нив, нагласува амбасадорката на САД.
Бернс истакнува дека САД ги следат актуелните случувањата и поддржуваат силно, независно обвинителство и оти е важно да се зачуваат капацитетите на Специјалното обвинителство.
– Тоа ќе им даде јасен сигнал на граѓаните на Северна Македонија и на меѓународната заедница дека Северна Македонија е целосно посветена на унапредување на владеењето на правото. Исто така, тоа е извонредно достигнување важно за процесот на пристапување во НАТО и во ЕУ, подвлече Бернс.
Во однос на скорешното членство во НАТО, Бернс вели дека САД со нетрпение очекуваат да и посакаат добредојде на Северна Македонија како 30-та членка на Алијансата на самиот крај на годинава.