За кусо време и во релативно бурен политички период во целиот регион на Западен Балкан, утврдивме јасен правец на дејствување и патека по која сакаме да се движиме, со што полека но сигурно Регионот станува сопственик на процесите кои сака да ги воведе. Тоа е повеќе од очигледно со оглед на сите реформски потфати, добрососедски политики и иницијативи, затворање на децениските отворени прашања кои во изминатиот период се реализираа во нашите земји. Во името на МВР на Република Северна Македонија, дозволете ми да подвлечам дека остануваме целосно посветени на нашата европска агенда и продолжуваме понатаму со несмален интензитет, посветена и одговорна работа и реализација на сите активности кон европеизација на нашата земја и нејзино приближување до евроатлантските системи, но исто така, ќе настојуваме да останеме позитивен пример во одржувањето на добрососедски односи со креирање на долгорочни партнерства за нашите идни генерации“, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во воведното обраќање на состанокот на министри за внатрешни работи во рамки на заедничкото претседавање со Берлинскиот процес на Република Северна Македонија и на Република Бугарија, кој во моментов се одвива во Скопје.
„Дозволете ми да изразам особено задоволство од соработката и координацијата што сами по себе се наложија со преземањето на заедничкото претседавање со Берлинскиот процес со Република Бугарија. Заедничкото организирање и претседавање на овој состанок се вистински доказ дека со волја и посветеност можеме да постигнеме многу, дури и во услови на пандемија. Иднината на Регионот е во ЕУ, а наша одговорност е тоа да го реализираме. Заедно секогаш можеме повеќе!“, истакна Спасовски, изразувајќи благодарност до Владата на Обединетото Кралство за постојаната посветеност и работа во областа на министерствата за внатрешни работи и сигурност во нашиот регион, како и до Сојузна Република Германија, од аспект на визонерската иницијатива за формирање на Берлинскиот процес, како платформа за развој на регионалната соработка во Западен Балкан и неговата европска интеграција.
Во однос на првата точка од Агендата, на тема: „Олеснето движење во регионот на Западен Балкан со лични карти: Кон Регионален договор за поблизок, подобро поврзан регион и повеќе предности за граѓаните“, министерот Спасовски ја поздрави и поддржа иницијативата за Регионален договор за слобода на движење и престој со лична карта, како еден од важните приоритети на годинешното заедничко Претседателство со Берлинскиот процес и упати благодарност до Советот за регионална соработка, како важен партнер во операционализацијата на оваа иницијатива.
„Олеснетите процедури за движење на лица ќе придонесат кон зајакната регионална размена и трговија. Дополнително, слободата на движење во регионот ќе ја зголеми и конкурентноста на пазарот, а уверен сум дека бизнис заедницата, но и сите граѓани што живеат овде тоа и го очекуваат од нас. Од овие причини, ние, министрите за внатрешни работи од земјите од Западен Балкан, треба да ја поддржиме и поттикнеме практичната реализација на проектите од наша надлежност, а особено на оваа иницијатива“, посочи Спасовски.