АРХИВА Случај Матка: Како градоначалникот се спаси од одговорност, но не и газдите на дивите платформи?

by Фокус 15:07
15:07

Текстот е објавен на 01 октомври 2020 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1304

Десет дена откако Антикорупциската комисија побара кривична одговорност за градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети, поради тоа што дозволил да никнат дивоградби на Матка, тој донел решенија со кои ги одбива барањата за легализација на дивите платформи во ова заштитено подрачје. Затоа, Јавното обвинителство ја отфрли кривичната пријава за Беџети, меѓутоа продолжи да спроведува постапка за утврдување вина на градителите на спорните платформи, за што денес беше поднесен обвинителен предлог до судот за две лица за узурпација на недвижности. Претходно, како што пишуваше Фокус, Управниот инспекторат и Државниот инспекторат за животна средина констатирале дека овие платформи воопшто не смеело да се изградат.

- Advertising -

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Случајот со дивоградбата кај „Мавровка“ претставува типичен симбол за состојбите во полето на владеењето на првото. Изградбата на објектот како дивоградба, безмалку во строгиот центар на Градот, пред очите на бројни минувачи, возачи, стопанственици, надвор од законски пропишаната процедура, не е ништо друго, туку класично самоволие и узурпација. Немоќта на локалните власти да се справат со ситуацијата, поради што се чекаше да интервенира државата, покажува немоќ на институциите, или, пак, говори за одредена коруптивна шема.

Токму поради граѓанскиот револт од елементарно непочитување на законите, како и поради сомнежите дека зад ваквите „аранжмани“ се кријат големи коруптивни зделки, подигнувањето на овој нелегален објект предизвика бројни реакции, додека неговото уривање се доживеа како вистинска сензација. Безмалку сите медиуми вршеа директен пренос од акцијата на багерите на Јавно претпријатие за магистрални и регионални патишта, небаре се работи за настан од глобално значење, а не за вообичаена законска постапка.

Додека урнатините од бетонската конструкција сѐ уште се расфрлани над некогашното кафуле „Фонтана“, веројатно со цел да сведочат за „одлучната“ акција на државата, и воедно да пратат порака кон сите „инвеститори“ што планираат да градат незаконски, медиумите почнаа да пишуваат за голем број други дивоградби. Станува збор за објекти во Скопје, но и во други градови низ земјава, кои со години функционираат како деловни и стопански објекти и остваруваат профит, иако се нелегално изградени или поставени, сеедно.

Во тој контекст, „Фокус“ го разработува случајот дивоградбите во Матка, кои долги години се предмет на интерес на јавноста и на институциите, меѓутоа сѐ уште нема конечен епилог. Официјалната документација што ја обезбедивме и информациите што ги добивме покажуваат дека обвинителството ги отфрлило сомнежите на антикорупционерите за кривична одговорност кај локалните власти, но во тек е предистражна постапка за градителите на нелегалните платформи. Во меѓувреме, се води и управна постапка за статусот на објектите, кои, како што констатирале неколку надлежни органи, воопшто не смеело да се изградат.

ПЛАТФОРМИТЕ СЕ ВОДАТ КАКО ЗДРАВСТВЕНИ УСТАНОВИ?!

Откако медиумите објавија сомневања за злоупотреби и незаконско работење на Општина Сарај, во врска со дивоизградените објекти и платформи во непосредна близина на езерото Матка, Комисијата за спречување корупција и судир на интереси отвори предмет по сопствена иницијатива. Така, на седница одржана на 5 август минатата 2019 година, антикорупционерите одлучија да покренат иницијатива до Јавното обвинителство за кривично гонење на градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети, како и други службени лица во општината, по две основи – злоупотреба на службена должност и несовесно работење.

Како што се наведува во оваа иницијатива на Комисијата, која има правна тежина на кривична пријава до Обвинителството, градоначалникот Беџети „свесно и намерно не презел конкретни дејствија и не донел конкретни управни акти“ во рамки на постапки за легализација на бесправно изградени објекти. На тој начин, според антикорупционерите, со тенденциозно одолжување на целата постапка, тој им овозможил на физички и на правни лица да стопанисуваат со бесправно изградените објекти и да остваруваат противправна имотна корист, т.е. профит.

Дополнително, од Комисијата како пријавувач нотирале дека постоењето на вакви објекти е забрането со Одлуката со која кањонот Матка е прогласен за заштитено подрачје од категоријата Споменик на природата на Град Скопје, усвоена на 12 мај 1994 година. На тој начин, сметаат антикорупционерите, се создадени предуслови за загрозување на заштитениот режим и создавање неред во ова подрачје, нарушување на неговата автентичност и загрозување на постојната флора и фауна, што претставува општ интерес под посебна заштита.

Конкретно, предмет на интерес и обработка биле 6 постапки за изградба и легализација на спорните објекти. Она што е уште поконтроверзно, дел од овие постапки се водат за легализација на здравствени установи, иако станува збор исклучиво за деловни објекти од локално значење и привремени објекти-платформи, кои се користат како угостителски објекти и како објекти од каде што се упатуваат моторни чамци, што вршат превоз на туристи по кањонот Матка до пештерата Врело. Кои лица и субјекти се поврзуваат со овие објекти?

СНЕМАЛО ХАРТИЈА ЗА ЕВИДЕНЦИЈА?!

Инаку, четири од шесте спорни постапки се однесуваат на изградба на платформи и објекти, а две за нивна легализација. Подносител во првата постапка за утврдување на правен статус на бесправно изграден објект од 8-февруари 2018 година е Амет Саиди, кој воедно, според Централниот регистар, е прв човек на компанијата за воден сообраќај „Алмата Примо“. Иако има исто презиме и доаѓа од исто место, никаква роднинска врска со Саиди нема Исмаил Саиди, кој се јавува како подносител на второто барање за легализација со датум од 24 декември 2018 година.

Во однос на нивните две платформи на езерото Матка, контроли извршиле неколку надлежни државни органи. Па, Државниот управен инспекторат констатирал дека Општина Сарај не донела конкретен управен акт во законскиот рок за двете барања за легализација на објектите. Патем, од таму упатуваат на Член 11 од Законот за постапување со бесправно изградени објекти, кој предвидува дека општината има рок од една година од поднесување на барањето да утврди дали се исполнети условите за стекнување правен статус на бесправно изграден објект.

Понатаму, Инспекторатот утврдил и други пропусти во постапката. Во таа насока, барањата за легализација од 2018 година не биле евидентирани во Уписник ниту во Деловодник како основна евиденција за заведување на документите. Односно, во Уписникот за евиденција на примени Барања за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти се заведени барањата од 2 до 11 јануари 2018 година, по што се истрошиле листовите, па евиденцијата за сите примени барања не се водела понатаму!?

Воедно, инспекцијата открила и друга неправилности. Имено, записниците за констатирана состојба од март 2019 година ги изготвил Раководител на одделение за инспекциски надзор на општина Сарај, кој патем не ги исполнувал условите за овластен градежен инспектор. Иако тој имал високо образование, сепак, немал соодветно образование, со оглед дека бил дипломиран машински инженер. А, тоа било спротивно со систематизацијата на работни места. И овие записници, исто така, не се евидентирани.

МОТОРНИ ЧАМЦИ ПЛОВАТ ВО ЗАШТИТНА ЗОНА

Покрај Управниот инспекторат, случајот го испитувал и Државниот инспекторат за животна средина. Меѓу другото, овој инспекторат во својот извештај упатува на Член 19 од Законот за води, според кој, пловидбата со пловни објекти и инсталации на мотори со внатрешно согорување е забранета во заштитните зони и подрачја поради заштитата на флората и на фауната и водните екосистеми. Според член 174 од истиот закон, пак, изградбата на нови објекти во или покрај површински води, што може да влијаат врз режимот на водите, се прави исклучиво со водостопанска согласност.

Единствениот исклучок од овие услови се браните, меѓутоа платформите на „Алмата Примо“ и Саиди не спаѓаат во оваа категорија, што значи дека морале да обезбедат водостопанска согласност. Арно ама, надлежниот инспекторат утврдил дека немале ваква согласност, ниту барање за доставување мислење за зафаќање вода од бунар за потребите на објектот. Затоа била изречена наредбата за отстранување на платформите и градбите како монтажна и тврда градба, а истовремено упатена е и забрана за користење на моторни чамци.

Освен водостопанска согласност, за какви било активности на оваа локација неопходна е и потврда и од Управата за заштита на културното наследство, истакнале од Управата. Всушност, оваа потврда се нарекува заштитно-конзерваторска потврда или согласност, која, според член 75 од Законот за културно наследство, се издава при изградба на објект со кој посредно или непосредно се нарушува интегритетот на заштитеното добро. Притоа, органот може да не издаде согласност ако не се изведени заштитни ископувања, конзерваторски истражувања или други мерки на заштита.

Сѐ додека не се донесе нов Закон за заштита на природата, велат упатените, сите заштитени подрачја, кои биле прогласени пред стапување во сила на актуелниот Закон од 2004 година, продолжуваат да ја уживаат заштитата до моментот на нивно репрогласување. Сепак, Антикорупциската комисијата, во пакет со кривичната одговорност за Беџети и службеници во Општина Сарај, достави препорака до Владата да го задолжи Министерство за животна средина да изработи предлог-закон за прогласување на кањонот Матка за споменик на природата. Од Министерството ни одговорија дека во тек е процесот за зонирање на Споменикот на природата Кањон Mатка.

ОБВИНИТЕЛСТВОТО ГИ ИСПИТУВА ГРАДИТЕЛИТЕ

Вооружени со ваквите наводи од различни државни органи, Антикорупциската комисијата побара кривична одговорност од градоначалникот на Сарај Беџети, бидејќи, според нив, тој не постапил според законските надлежности од Законот за локална самоуправа. Тие се повикуваат на Членот 22 од овој закон, кој предвидува дека општините се надлежни за урбанистичко планирање, за издавање на одобрение за градење, уредување на градежно земјиште и на просторот. Воедно, овој член пропишува дека општината се грижи и за заштита на животната средина преку мерки за заштита на водата, земјиштето итн.

Но, Јавното обвинителство во јуни годинава одлучи да ја отфрли кривичната пријава, оценувајќи дека пријавениот градоначалник презел дејства кои ги отфрлуваат сомневањата дека сторил кривични дела-злоупотреба на службена должност и несовесно работење. Како што известуваат од таму, проверките што ги извршил надлежен јавен обвинител покажале дека тој постапил согласно своите надлежности и не било докажано дека прибавил противправна имотна корист за себе или за друг, ниту пак дека причинил штета за кој било субјект.

Од обвинителството образложуваат дека по нивно барање Државниот управен инспекторат на 10-ти јуни 2019 година извршил вонреден инспекциски надзор во Општина Сарај, при што констатирал недостатоци во канцелариското и архивското работење. Тогаш, Инспекторатот го задолжил градоначалникот да преземе мерки и дејствија во негова надлежност и во определен рок да ги отстрани недостатоците. При извршениот контролен инспекциски надзор на 21 август 2019 година, пак, било утврдено дека градоначалникот целосно ги отстранил претходно утврдените недостатоци.

Истовремено, од таму информираат дека постапувањето на градителите на бесправно изградени објекти на подрачјето на кањонот Матка е предмет на проверки во друга постапка, најавувајќи дека по преземање на потребните дејствија и комплетирање на документацијата ќе донесат соодветна одлука согласно Законот за кривична постапка. Во однос на нашето прашање зa овој предмет, од обвинителството одговорија дека „сѐ уште се постапува во насока на обезбедување материјални докази за утврдување на фактичката состојба“.

НЕМА ПРИЈАВЕНИ НА ТЕНДЕРОТ ЗА УРИВАЊЕ ДИВОГРАДБИ

Во образложението за отфрлување на кривичната пријава на Антикорупциската комисија за градоначалникот, Јавното обвинителство објаснува дека градоначалникот на Сарај донел решенија за одбивање на барањата за легализација на Амет и Исмаил Саиди, по што тие покренале второстепена постапка. И покрај вложената жалба, од обвинителството посочуваат дека Општина Сарај на 16 септември 2019 година распишала јавна набавка за уривање на овие објекти. Но, и на овој јавен повик не се јавил ниту еден економски оператор, слично како и во објавениот тендер на Општина Чаир за дивоградбата кај „Мавровка“.

Од тие причини, Општина Сарај се обратила писмено до Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам заради помош за отстранување на платформите. Меѓутоа, Инспекторатот ја известил Општината дека се работи за објекти од локално значење, за кои е надлежна општината и притоа ја предупредил дека кон уривање на објектите може да се пристапи само по конечноста на донесените решенија, односно по завршувањето на управната и жалбената постапка.

Како што нѐ информираа од Министерството за транспорт, жалбите на Амед Саиди и Исмаил Саиди кон решенијата на градоначалникот на општина Сарај, кои биле донесени на 15 август 2019 година, се одбиени како неосновани. Воедно, еден од нив – Исмаил поднел уште една жалба до Министерството, која не се однесува на Општина Сарај, туку на Општина Сопиште, каде што е лоциран еден од трите спорни објекти. За разлика од другите, Министерството оваа жалба ја уважи и постапката ја врати на повторно разгледување кај првостепениот орган.

Оттука произлегува дека Беџети ги донел решенија за барањата за легализација на роднините Саиди на 15 август 2019 година, или 10 дена откако антикорупционерите одлучиле да поднесат кривична пријава до обвинителството. Но, постапка се води за Амет и Исмаил Саиди, кои одбија јавно да проговорат, единствено посочувајќи дека негативните решенија од Министерството за транспорт ги оспориле до Управниот суд. Во исчекување на епилогот од оваа постапка, тие сѐ уште стопанисуваат со платформите, со што таргетираат околу 140.000 туристи, колку што се проценува дека годишно доаѓаат на Матка, од кои една третина ја посетува и пештерата Врело, каде што Градот Скопје своевремено вложи значителни средства.

 

РИВАЛСТВО МЕЃУ СОПСТВЕНИЦИТЕ НА ДВЕТЕ ПЛАТФОРМИ ЗА ЧАМЦИ

Уште еден од случаите што бил предмет на интерес на антикорупционерите била платформата во рамки на ресторанот Матка, со која стопанисува „Рус Груп“ по пат на договор со планинарската федерација. Од таму велат дека изградбата на платформата не е спорна.

На ден 14 април 2018 година добиена е согласност на проект за Партерно дооформување за проектот 27/08 од 09-ти април 2008 од страна на Општина Сарај. Партерно дооформување беше бидејќи Град Скопје и УНДП имаа инвестиции таа 2008 година, канделабри, светла инсталации огради…“, велат од „Русс Груп“.

Инаку, непосредно до оваа платформа во рамки на угостителскиот објект на Матка се наоѓа платформата за превоз со чамци на Амет Саиди. Тој не сакаше ништо да коментира во однос на случајот. Но, неговите соработници неофицијално велат дека платформата е покриена од сите законски аспекти.

Таа е изградена пред 2011 година, што значи ја опфаќа законот за легализација. Во меѓувреме, со неа управува компанија, плаќа данок, за превоз на патниците се издава фискална сметка… Компанијата има валиден договор со надлежна организација за Пештерата Врело – вели еден од неговите соработници.

Според него, она што е проблематично во цел случај е другата платформа на Исмаил Саиди, која, како што тврди тој, е изградена по 2011 година и функционира без правно лице. „Фокус“ стапи во контакт со Исмаил Саиди, но тој не сакаше да даде никаква изјава. Неодамна, меѓу двете страни изби инцидент за кој известија медиумите.

 

СЕ ЧЕКА РЕВИДИРАНАТА СТУДИЈА ОД ГРАД СКОПЈЕ ЗА МАТКА!

Од Министерството за животна средина и просторно планирање, кое Антикорупциската комисија побара да го изработи предлог-законот за прогласување на кањонот Матка за споменик на природата со предлог надворешни граници, велат дека постапката е во тек.

Како што објаснуваат од таму, моментално чекаат Град Скопје да им достави ревидираната студија за природните вредности на кањонот Матка за да ја продолжат постапката.

Согласно Законот за заштита на природата заради утврдување на реалната состојба и обезбедување стручна основа за изработка на актот за прогласување на заштитено подрачје најпрво се изработува Студија за валоризација или ревалоризација на заштитеното подрачјето. Во рамки на ЕУ/УНДП проектот: „Унапредување на управувањето со заштитените подрачја” во соработка на UNDP со експертски тим се спроведуваат активности за изработка на предлог-зонирање на Споменикот на природата кањонот Mатка. УНДП треба да достави до Град Скопје, Финален извештај за предложени зони во ГИС и наративни описи, како и ревидирана Студија за природните вредности на кањонот Матка во која ќе биде усогласено предлог зонирањето на кањонот Матка со засегнатите страни (Град Скопје, JP Јасен, Министерство за одбрана и Општина Сарај). Исто така студијата треба да биде ревидирана во согласност со Правилникот за содржина на Студија за валоризација или ревалоризација на заштитено подрачје. По официјално доставување на ревидирана Студија oд Град Скопје до МЖСПП, истото ќе може да продолжи со доработка на предлог-законот и спроведување на постапката за прогласување на Кањон Матка за заштитено подрачје во согласност со Законот за заштита на природата. Ревидирана Студија oд Град Скопје не е доставена до МЖСПП, за истото да може да продолжи со постапката за прогласување на кањонот Матка за заштитено подрачје во согласност со Законот за заштита на природата и да достави предлог-закон за прогласување на кањонот Матка за заштитено подрачје во владина процедура“, објаснуваат од Министерството за екологија.

Од Град Скопје не добивме одговор кога може да се очекува ревидираната студија да биде доставена до Министерството, за да може да продолжи постапката за предлог-законот за прогласување на кањонот Матка за споменик на природата, кој потоа би влегол во собраниска процедура.

Поврзани новости