Берлин calling

by Fokus

Успеал овој народ да го преживее турското ропство, балканските војни, двете светски војни, делбите и поделбите, приватизацијата и транзицијата, модерните клинци политиканти и популизмот, лоповлукот и неспособноста со управувањето на државата, па ќе ја преживее и короната. Немојте само да градите берлински ѕидови и да создавате берлински синдром

Пишува Звонко ДАВИДОВИЌ

 Полициски час, тишина, бреме од мисли и стравови, дури и кучињата стивнуваат. Веќе месец дена сме во вонредна состојба и со воведен полициски час, кој сè повеќе се заострува и сè подолго трае. Народот стивнат, збунет и дезориентиран, државата неспретна и неспремна, партиите нападни и необјективни, со голема желба да добијат дневно-политички поени, а без желба да помогнат.

Поддржувачи и критичари на секој чекор на социјалните мрежи, секој со партиски предзнак што и му ја определува реториката. Едни со фалба и слика за добар живот во ова невреме, други со критика и слика на мизерија. И едните и другите го иритираат народот, првите поради самобендисаноста и некадарноста, вторите поради необјективноста и криминалот од минатото, сите заедно го плашат народот поради недозреаноста, несериозноста и отсуство на темелност во одлуките.

НЕ Е БОРБА СО ВИРУС ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈА

Во време на пандемија и борба со вирусот, за кој не се знае многу, а многу повеќе се претпоставува, единствено нешто што беше сигурно е дека се пренесува преку дишните патишта во близок контакт со заболен човек. Беа потребни три недели од воведување на вонредната состојба за да се нормализира снабдувањето со ракавици, маски и гелови, средства, кои се основни и повеќе од потребни за заштита на населението.

И она што е жално и што по којзнае кој пат се покажува дека приватниот сектор самоиницијативно, чувствувајќи ја потребата на пазарот, успеа да понуди маски и ракавици, премостувајќи го оној период на инертноста, некадарноста и неорганизираноста на државата и институциите. Не е борба со вирусот прес-конференција и позерство за соопштување на бројот на заразени и одговорите на новинарските прашања, во кои најчесто доминира „мислам“, „најверојатно“, „ќе проверам“…

Во време на вонредна состојба, владата има безброј инструменти, можности и права да го организира живеењето и однесувањето на населението, но и обврска во најмала можна мерка да ги ограничи правата на луѓето. Владата има можност и право да нареди кому било да преземе соодветно дејствие, а во правец на надминување на состојбите и заштита на населението, дури со право на зафаќање на дел од заработката на кој било субјект или преземање средства и опрема од кој било субјект.

Наместо јасно и прецизно да нареди владата секојдневна дезинфекција на секоја банкарска експозитура и продавница на трошок на субјектот, како места каде што е најголема фреквенцијата на населението, таа ова го остави на добра волја и совест на банките и маркетите. Во време на вонредна состојба не се претпоставува добра волја и совест, туку се носат одлуки со задолженија и обврски, онака како што тоа го прави со населението, ама не и со банките, каде што се најголемите бизнис и партиски интереси. Кога сме кај банките, смешна и безобразна беше препораката на владата за одложување на кредитите на населението кај банките, затоа што точно се знаеше што ќе се случи.

Безобразлукот и алчноста на банките повторно дојде до израз, а можноста за екстра заработка со владин благослов. Покрај ова, истите, банките, се обидоа и создадоа уште поголем хаос и обврска за населението, и тоа правејќи го преку јавната понуда за одлагање на кредитите. Наместо тој што бара одлагање да се обрати до банката или лично до секого да пратат известување, банките објавија јавна понуда со која ако не сакаш одлагање, мораш да ја одбиеш.

Кога склучуваа договор за кредит душа ќе ти извадат од заверки и процедури кај нотар за да ти земат камата колку што ти е и главницата, а кога им одговара, праќаат јавна понуда. Уште побитно е што ова е организиран грабеж на народот, затоа што за време на одлагањето, банката пресметува интеркаларна камата. Секаде во светот банките ја почувствуваа кризата само нашите банки се богатат во време на криза.

Во разговор со експертите од оваа област беше спомената очекувана добивка на банките од 140 милиони евра од одлагањето на кредитите. Покрај тоа, добар дел од повозрасното население не е во состојба и нема знаење ова да го направи преку интернет онака како што тоа го смислиле банките. Еден голем дел од повозрасното население, ниту го користи, ниту знае да го користи е-банкарството.

НЕ КРИТИКУВАЈТЕ ГИ ПОВОЗРАСНИТЕ

Подолго време по социјалните мрежи се шири теза дека постарите луѓе не ја почитуваат одлуката на владата за мерките за спречување на ширењето на корона вирусот, дека го кршат полицискиот час, дека се неодговорни и не седат дома.

Вчера слушав една госпоѓа, која коментираше во дневникот дека е изненадена од постарите луѓе, кои би требало да бидат воспитани како се однесуваат невоспитано. Зошто се невоспитани? Затоа што мораат и се принудени да дремат пред банките за да ја подигнат својата пензиичка од 12.000 денари од која треба да купат лекови, да платат сметки и да им помогнат на синот и снаата или ќерката и зетот?

Неодговорни се затоа што служат само како дополнителен приход и сервис за приготвена храна и чување деца? Некогаш пензиите ги носеше поштар на врата и немаше турканици пред банките. Некогаш помладите се организираа и им помагаа на постарите, а сега од истите се очекува да не мрдаат, да се само на повик и по потреба живи и да служат за потребите на помладите.

Како очекувате во 3 часа, колку што им дозволува полицискиот час и работното време на аптеките и продавниците, со нивните години и реална биолошка бавност да подигнат пензија, да се снабдат со лекарства и да купат намирници? Колкава е нивната економска можност да купат ракавици, маски и гелови од нивната пензија, кога аптеките ги зголемија цените за стотина пати. Дури читам и слушам како било срамота што старите излегувале на воздух и сонце и во парк. Што очекувате од постарите луѓе, да немаат свој живот, свои потреби, да се предмети кои ќе се движат по ваша желба и потреба. Па, знаете ли како одземањето на слободата влијае врз психата?

За ова, ниту државата, ниту таквите тапоглавци, кои ги критикуваат постарите луѓе, ниту размислиле, ниту предложиле решение за надминување на нивните состојби и немоќ, барем во ова време на невреме. До скоро не се размислуваше, ниту за домашните миленици, а сè уште не се размислува за децата со посебни потреби и за многу други категории на граѓани. Некои ќе критикуваат и ќе кажат дека здравјето е најбитно, а јас делумно ќе се согласам со нив и ќе дополнам дека животот е најбитен.

Здравјето е дел од животот, но здравјето не е само неширењето на короната, туку здравјето се состои и од здрава психа. Многупати овој народ се соочил со бездна и поминал и испливал од многу вирови, кои животот и историјата ги ставиле пред него. Ќе исплива и ќе победи животот и сега, благодарение на здравата психа, духовното богатство и отпорноста на овој народ кон сето она што сакало да го уништи.

Овој народ успеал да го преживее турското ропство, балканските војни, двете светски војни, делбите и поделбите, приватизацијата и транзицијата, модерните клинци политиканти и популизмот, лоповлукот и неспособноста со управувањето на државата, па ќе ја преживее и короната. Немојте само да градите берлински ѕидови и да создавате берлински синдром. А за тоа што е берлински синдром, прочитајте, и онака имате време на претек.

 

Поврзани новости