Во тек е гроздоберот во Тиквешијата, и годинава голем број на групи на берачи од Кочани, Штип, Струмица и други општини се сместени во Неготино и Кавадарци.
Некои од нив со години наназад доаѓаат на гроздобер, и станува збор за цели семејства, односно групи од по десет до дваесет луѓе. Но, ако минатата година дневниците на берачите изнесуваа по 1.200 денари, годинава цената е зголемена и изнесува 1.500 денари за шест часа берба.
-Се е поскапено, секако дека и ние ќе бараме повеќе пари. Одиме од шест часот наутро до 12, за 1.500 денари, условите се газдата на лозјето да не земе и да не врати назад, односно да ни обезбеди превоз, како и појадок. Одиме цела група заедно и не се делиме, значи за секој од групата треба да има дневница. Попладне, исто така сме слободни за берба, најчесто тоа е од 14 часот, тогаш наплаќаме по 300 денари од час.
На кого му одговара, ќе не ангажира, затоа што секоја година има се помалку берачи. Од Кавадарци и од Неготино, гледаме дека има се помалку берачи, никој не сака да се мачи на сонце, затоа лозарите треба да бидат среќни што ние, луѓе од струмичко село се уште секоја година сме достапни за берба – раскажуваат за ,,Фокус” берачи, кои со години наназад ги минуваат секој септември и октомври во Неготино.
Гроздоберот е удар врз џебот на лозарите, затоа што треба наеднаш да им исплатат поголеми сум на берачите, а пак парите за предаденото грозје најчесто ги добиваат на повеќе рати.
-Во минатото не се ни ангажираа берачи од страна, лозарите си помагаа меѓусебно, цели семејства на лозари првин береа во едно лозје, потоа во друго, кај пријатели или роднини. Бербата траеше додека да се обере и последното зрно, не се гледаше на час. Денес тоа повеќе го нема, никој не доаѓа кај пријател на берба, па мораме да ангажираме берачи од страна. Мене на пример, ми се потребни по 15 луѓе, во тек на три дена, додека трае бербата.
Тоа се вкупно 45 дневници од по 1.500 денари, кои морам да ги исплатам веднаш. За товарачите на грозје, дневниците се повисоки. Реално, за да се има профит од лозарството, со денешните глобални цени, грозјето би требало да се откупува по едно евро за килограм. Вака, разбирливо е што секоја година се повеќе лозари се откажуваат од лозарството, посебно пак младите генерации, кај кои воопшто нема интерес – раскажува лозар од Кавадарци.
Иако годинава поради лошите временски услови нема богат род, сепак цените на најзастапените сорти вранец и смедеревка кои ни беа кажани на откупните пунктови изнесуваат 18, односно 14 денари за килограм. Минатата година имало околу 93 милиони килограми грозје во државата, а пак годинава се проценува дека родот е преполовен, односно дека ќе има околу 40 милиони килограми.
Покрај намалениот род поради болести на виновата лоза и климатските промени, секоја година се повеќе лозари се откажуваат од лозарството, сметајќи дека е економски неисплатливо.
Вики Клинчарова