Француската новинска агенција АФП денеска објави дека францускиот фудбалер Карим Бензема потпишал тригодишен договор со Ал Итихад, клуб од Саудиска Арабија.
Дека Бензема ќе ја продолжи кариерата во тој клуб со денови е познато откако ги испиша страниците на историјата носејќи го дресот на Реал Мадрид од кој се прости викендов, а на последниот натпревар за Реал постигна гол против Атлетико.
АФП не ги открива финансиските детали од договорот што Бензема го потпиша со Ал Итихад.
Сепак, Footmercato пренесува дека тоа е најголемиот договор во историјата на фудбалот и дека Бензема ќе добие 600 милиони евра за три години.
Бензема денеска одржа медиумска конференција во Мадрид, на Сантијаго Бернабеу, што е негов последен пат како играч на Реал.
„Тешко ми е да зборувам во овој емотивен момент, но сакам да им се заблагодарам на сите во Реал. Тие ми овозможија да го исполнам мојот детски сон. Никогаш нема да го заборавам Реал, тоа е едноставно невозможно бидејќи тоа е најголемиот клуб во светот Но, дојде време да одам и да ја продолжам приказната на друго место. Најважно е што се радував како мало дете на се што освоив. Хала Мадрид!“ – изјави Бензема.
Ал Итихад ќе биде само третиот клуб во кариерата на 35-годишниот француски напаѓач кој беше втор стрелец во клупската историја во Реал, веднаш по Кристијано Роналдо против кого следната сезона ќе игра на саудиска трева.
Бензема започна како играч на Лион, а во Реал беше од 2009 година.
Вкупно за Реал постигна 354 гола и е втор стрелец во историјата на мадридскиот клуб. Прв е Кристијано Роналдо со 450 голови, а Португалецот нешто порано пристигна во Саудиска Арабија и го носи дресот на Ал Наср.
Бензема е актуелен освојувач на Златната топка, а со Реал пет пати ја освојуваше Лигата на шампионите, како и Светското клупско првенство.
Тој исто така освои четири титули во шпанската Ла Лига.