Весна Бендевска – членот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација денеска изјави дека заедно со Здружението на млади правници се подготвува тужбата против државата, односно Министерството за образование и наука.
Причина е недостигот на учебници.
„Со почетокот на учебната година не беа доставени повеќе од една третина од учебниците, од 123 потребни учебници, недостигаа 46“ рече Бендевска.
Комисијата утврдила дека кога не постои учебник како основно средство за изведување наставно-образовен процес, тие ученици немаат еднаков пристап до квалитетно образование во споредба со оние што имаат учебници и затоа подготвуваат тужба за заштита од дискриминација против МОН.
„Комисијата донесе одлука и таа се спроведува. Ќе поднесеме пред граѓански суд тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес заради недостиг на учебници. Она што го констатиравме во своето работење. Во тој случај Комисијата ќе е една странка од спорот и започнува со стратешко застапување на интересите на учениците. Нивен интерес е да добиваат квалитетно образование, а тоа значи учебник по секој наставен предмет, во секое одделение и на секој јазик на кој се одвива наставата. Тужена ќе биде државата, односно МОН. Тужбата ја подготвуваме и ќе ја поднесеме заедно со нашите стратешки партнери, Македонското здружение на млади правници“ – изјави Бендевска.