Белоруски дисидент тврди дека Москва крие информации за здравјето на Лукашенко, а лекарите се немоќни

by Fokus

Белорускиот дисидент Валери Цепкало тврди дека белорускиот претседател Александар Лукашенко се онесвестил и обилно искрварил за време на неодамнешната посета на Москва.

Цепкало тврди дека на Лукашенко ненадејно му се слошило за време на посетата на рускиот лидер Владимир Путин минатиот месец и дека целиот случај бил прикриен. Белорускиот опозиционер, кој со години живее надвор од земјата, тврди дека добил застрашувачки детали за „неизлечивата состојба“ на Лукашенко од руски лекари на кои им наредиле да го лекуваат во болница во Кремљ.

„Дејли мејл“ наведува дека тоа ќе биде вторпат за само еден месец белорускиот лидер да се разболел за време на посетата на Путин.

Цепкало наведува дека неговите медицински извори укажуваат дека Лукашенко (68) има сериозна генетска кардиоваскуларна болест.

– Руските лекари добија наредба од Кремљ да го спасат по секоја цена – и изјави Цепкало на украинската новинарка, Алесија Базман.

Инаку, Лукашенко минатиот месец беше во Русија за да се сретне со Путин и да присуствува на состаноците на Врховниот евроазиски економски совет.

– Апсолутно сум убеден дека Кремљ веќе ќе го отруеше ако сакаше да го стори тоа – рече Цепкало, кој е поранешен заменик министер за надворешни работи и поранешен претседателски кандидат.

Единствениот близок сојузник на Владимир Путин, според него, бил итно сместен во клиничка болница во Кремљ.

– Се испостави дека лекарите прво се обиделе да го вратат во нормала. Беше во акутен шок, па дури и се онесвести. Кога тоа се случи, речиси сите водечки лекари во Москва, најдобрите специјалисти, беа мобилизирани среде ноќ. Имаше трансфузија на крв или неговата крв беше исчистена на некој начин за да се спречи формирање на згрутчување. Знам дека крвареше насекаде. И навистина постои многу сериозна генетска кардиоваскуларна болест. Апсолутно е јасно дека е неизлечиво – тврди опозиционерот.

Лукашенко остана во Москва два-три дена. Дејли мејл пишува дека неколку дена подоцна тој се појавил блед и слаб на состанокот со претставник на руската централна банка.

– Болеста ќе доведе до крварење на сите органи. Се манифестира и надворешно на телото и може да се контролира само со хормонска терапија. Но, хормонската терапија помага само привремено. Болеста се развива. Нема алатки за да го запрете. Не можам да кажам колку долго може да потрае. Тоа може да се случи во следниот месец или можеби недели – рече Цепкало.

Поврзани новости