Мигрантите кои се заглавени на границата меѓу Белорусија и Полска, на белоруска страна и во текот на ноќта се обиделе да ја преминат границата, но во помал број и помали групи, соопшти денеска полските власти. Претходно Белорусија расчисти дел од камповите каде што луѓето се собраа на ниски температури, а стотици мигранти беа вратени назад во Ирак.
Развојот на настаните сигнализира смирување на кризата источната граница на Европската унија, но спорот сè уште не е решен бидејќи ЕУ го отфрли предлогот на Минск да прими 2.000 мигранти.
ЕУ го обвинува белорускиот авторитарен лидер Александар Лукашенко дека летал го оркестрирал носењето на мигранти до границите на земјите-членки Полска, Летонија и Литванија за да се одмазди за санкциите што Унијата ги воведе поради сеопфатните репресии по минатогодишните спорни претседателски избори.
На изборите во август 2020 година, Локашнеко тврдеше дека победил и покрај обвинувањата од опозицијата и од Западот дека гласањето било наместено.
Полскиот министер за одбрана Мариуш Блашчак за приватниот радиодифузер Полсат денеска изјави дека сè уште имало обиди да се премине границата откако камповите беа расчистени претходниот ден, но во помали групи од порано кога стотици луѓе одеднаш се обидуваа да ја пробијат оградата.
Според полската гранична стража, на 18 ноември имало 255 обиди за премин, за половина помалку од претходниот ден.
„Две големи групи се обидоа насилно да ја преминат границата – едната имаше 500, а другата 50 членови. Луѓето беа агресивни“, напишаа полската гранична стража на Твитер, додавајќи дека се приведени 45 мигранти.
Портпаролката на граничните сили, поручник Ана Михалска, за АФП изјави дека некои од мигрантите фрлале камења, а некој солзавец кон полските официјални лица, додека белоруските сили користеле ласери за да ги заслепат. При нападите четворица полски војници се здобиле со повреди, но не им било потребна хоспитализација, рече Михалска.
Во меѓувреме, полската полиција на Твитер објави фотографии и видео од „напуштени кампови“ долж границата.
Белоруските државни медиуми објавија дека околу 2.000 мигранти се префрлени во камп кој е загреан. Се верува дека околу 10 мигранти загинале во шумата во близина на границата за време на граничната криза.
Околу 430 ирачки мигранти вчера авионски беа вратени од Минска во Ирак, а ирачкото Министерство за надворешни работи соопшти дека планира дополнителна евакуација.
Од Кабинетот на Лукашенко вчера соопштија дека околу 7.000 мигранти моментално се во земјата, од кои 2.000 се во области во близина на границата.