Новинарите, кои во Брисел ги следат случувањата во ЕУ, се пожалија дека Белгија ја крши медиумската слобода откако им беше кажано дека ќе мора да платат 50 евра за известување од следниот самит на лидерите на ЕУ.
На новинарскиот протест против оваа одлука на белгиските власти денеска им се придружија и официјалните претставници на ЕУ, кои побараа од владата во Брисел, која е домаќин на самитот, повторно да „размисли” за новиот закон, со кој се наплатуваат трошоците на безбедносната контрола на состаноците на Унијата.
Овој закон почна да се применува на 1 јуни, но новинарите му обратија внимание вчера кога Советот на ЕУ објави рутински повик за акредитација за покривање на следниот самит во октомври.
Во повикот првпат се наведува дека репортерите, кои престојуваат во Белгија, мора да им плати на белгиските власти задолжителна безбедносна контрола.
Давачката се однесува само на новинарите кои постојано живеат во Белгија, додека повремените известувачи од европските самити не мора да ја плаќаат.
Околу 1.000 новинари вообичаено известуваат од самитите на ЕУ и се очекува белгиските власти да добијат 50.000 евра од оваа нова давачка која е задолжителна за медиумските организации кои бараат акредитација.