Бектеши: Очекувам листата која произлегува од Законот за нефер трговски практики да не биде под 2.300 производи

by Fokus

„Листата на производи која произлегува од Законот за нефер трговски практики е веќе подготвена, има над 2.500 земјоделски и прехранбени производи и е доставена до стопанските комори. Очекувам во рок од една недела, а најдоцна за 10 дена да имаме фидбек со нивни предлози и сугестии и како Министерство за економија да ја усвоиме листата по што сите чинители во трговијата, почнувајќи од производителите па се до трговците на мало треба да ги усогласат нивните договори и преку тоа да придонесат за намалување на цените на производите на домашниот пазар“.

Ова денеска го изјави министерот за економија, Крешник Бектеши и нагласи дека доколку во периодот на адаптација на законското решение од шест месеци има зголемување на цените како Министерство за економија ќе и предложат на Владата одредени мерки со цел да бидат ублажени цените.

– Верувам во општествената одговорност на трговците, посебно на големите синџири на маркети зашто повеќе ги нема трошоците кои влијаеја на цените, но ако тоа се злоупотреби Министерството за економија ќе донесе соодветни мерки во корист на граѓаните. Тоа може да биде замрзнување на цени, услови кои би им ги дале на одредени трговци, а крајната мерка е затворање на одредени синџири на супермаркети преку носење на уредби и одлуки согласно кои инспекторатите и надлежните институции ќе постапуваат како што е предвидено во Законот за трговија, посочи Бектеши.

Истакна дека во законското решение не се предвидува рок кога треба да стапи во сила листата на производи, тоа, како што рече, го носи Министерството за економија.

-Мислам дека на коморите им се доволни една недела до 10 дена да ја споделат листата со нивните членови, да дадат соодветни сугестии и на наредната седница на Влада да ја усвоиме таа листа и почнат да ги прилагодуваат договорните односи што ги имаат меѓу себе трговците, рече Бектеши.

За вчерашната реакција од Организацијата на потрошувачите на Македонија дека се уште ја немаат добиено листата, Бектеши рече дека можеби немало добра комуникација и најави дека уште денеска ќе ја добијат. Очекува по добиените сугестии на сите чинители во трговијата крајната листа на производи да не биде помала од 2.300 производи.

Поврзани новости