„Нема да продолжи мерката за замрзнување на цените на земјоделските производи, имајќи предвид дека цената на одредени производи веќе е пониска од утврденото ниво. Инфлацијата во делот на прехранбените производи нагло се намалува, така што очекуваме во јуни инфлацијата во земјата да биде пониска од десет насто“.
Ова денеска го изјави министерот за економија, Крешник Бектеши, по средбата со министерот за надворешна трговија и економски односи на Босна и Херцеговина, Сташа Кошарац.
Бектеши истакна дека ситуацијата со цените на производите се следи, така што доколку биде забележана злупотреба од трговците, ќе бидат спроведени соодветни мерки.
За енергетиката тој појасни дека со министерот за финансии и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и другите членови од Енергетскиот совет во рамки на Владата наредниот месец ќе разговараат за новиот модел за пресметување на цената на електричната енергија. Бектеши им порача на граѓаните дека независно каков ќе биде утврдениот модел, поскапување на електричната енергија нема да има.
– Можам уште од денеска да им соопштам на граѓаните дека нема да плаќаат поскапа струја од 1 јули до крајот на годината, рече Бектеши.