Бектеши најави целосна модернизација на енергетскиот сектор до 2040 година

by fokus

Министерот за економија Крешник Бектеши на Самитот за Западен Балкан, организиран од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во Лондон, ја презентираше Стратегијата за енергетика на Северна Македонија до 2040 година со која се дефинираат долгорочните цели за развој на поедини енергетски дејности за да се обезбеди сигурност во снабдувањето со различни видови на енергија, при тоа обезбедувајќи услови и начин за заштита на животната средина и мерки за реализација на заштитата.

– Стратегијата обезбедува платформа за целокупната модернизација и трансформација на енергетскиот сектор во согласност со енергетските трендови на ЕУ, придонесувајќи за зголемен пристап, интеграција и достапност на енергетските услуги, намалување на локалното и на глобалното загадување, и зголемено учество на приватниот сектор, земајќи ги предвид развојниот потенцијал на Македонија и домашните специфики. Со тоа, Стратегијата ги интегрира климатските и околинските аспекти на енергетскиот сектор, истовремено предлагајќи достапна, сигурна и одржлива енергија за иднината, посочи Бектеши, на панел дискусијата на тема „Транзиција на зелена енергија“.

Тој истакна дека, паралелно со тоа, развиена е и стратешка оцена на влијанијата врз животната средина како посебен документ за процена на околински остварливите и одржливите опции за постигнување на целитe.

– Значајно е да се напомене дека изработивме прва Стратегија за развој на енергетиката до 2040 година меѓу земјите членки на Енергетската заедница. Стратегијата се потпира на зелениот раст и нуди решенија за справување со климатските промени, особено во зеленото сценарио. Зеленото сценарио предвидува да постигне учеството на Обновливи извори на енергија до 44 проценти во 2040 година во вкупната потрошувачка на финална енергија, потенцираше Бектеши.

Од Министерството за економија соопштија дека министерот ги повикал инвеститорите да ги разгледаат можностите за инвестиции во обновливи извори.

– Во стратегијата се предвидени инвестиции во фотоволтаични централи кои е предвидено да имаат вкупен инсталиран капацитет од 1357 MW односно 41, 8 процент од вкупниот инсталиран капацитет за производство на енергија, за инвестиции во електроцентрали на биогас и биомаса се планира да имаат вкупен инсталиран капацитет од 38 MW односно 1,2 проценти од вкупниот инсталиран капацитет за производство на енергија, потоа во новите големи хидроцентрали (Чебрен, Градец, Велес, КВ Козјак, Глобочица) за кои се планира да имаат вкупен инсталиран капацитет од 775 MW односно 23,9 проценти од вкупниот инсталиран капацитет за производство на енергија, а во новите мали хидроцентрали е планирано да имаат вкупен инсталиран капацитет од 223 MW односно 6,9 проценти од вкупниот инсталиран капацитет за производство на енергија. Предвидени се и инвестиции во термоцентрали на гас за кои се планира да има вкупен инсталиран капацитет од 141 MW односно 4,3 проценти од вкупниот инсталиран капацитет за производство на енергија, објасни Бектеши.

Поврзани новости