Државата ќе формира фонд за туризам кој ќе работи во рамки на Министерството за економија и ќе има над два милиони евра на располагање за да им излезе во пресрет на угостителите, хотелиерите и туристичките агенции за надминување на проблемите што ги предизвика коронавирусот во овој сектор, најави министерот за економија Крешник Бектеши во Топ тема на Телма.
-Кризата ќе помине, а ние нема да ги оставиме работниците на улица. Државата ќе им излезе во пресрет. Како стопанственици и како држава треба да работиме напорно што повеќе да ги зачуваме работните места во нашата држава во услови на вонредна состојба. Тоа ќе биде добро за државата, но истовремено и за работодавачите зашто откако ќе заврши кризата тие повторно ќе треба да работат со истите луѓе – посочи Бектеши.
Тој истакна дека веќе биле определени 5,7 милиони евра за бескаматни кредити, а дополнително се обезбедени уште 8 милиони евра.